СДСМ и ДУИ експресно ја демантираа информацијата на „Коха“ дека двете партии ја договориле старо-новата коалиција за состав на новото парламентарно мнозинство и формирањето на Владата.
Ваквата реакција, од една страна, говори дека или „Коха“ претерала во напипувањето на пулсот, што секако е можно во вакви моменти и околности, или, пак, дека двете партии се уште стојат на своите максималистички позиции. Што ќе рече, дека ДУИ и натаму инсистира на Насер Зибери како прв премиер Албанец, а СДСМ дека по секоја цена сака да ја испрати ДУИ во опозиција. Можноста за ротирачки премиери очигледно само го продлабочува јазот на недоверба, зашто веројатно малкумина сметаат дека новиот владин кабинет ќе биде со подолг рок на траење, па ја доведува во прашање и нејзината реализација. Зашто, тој што ќе биде одреден за втор премиер, според најавите на „Коха“, Албанец, сигурно ќе извиси.
Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, на својот Фејсбук профил само кратко напиша:
-Гладна кокошка просо сонува.
Значи, според Зекири, ДУИ е кокошка која сонува просо.
Исто така, на Фејсбук се јави и генсекот на ДУИ, Артан Груби, кој, пак, напиша:
-Тоа е ЛАЖНА ВЕСТ, бидејќи не постои таков договор.
Наспроти само навидум цврстите позиции и на СДСМ и на ДУИ, свежите сеќавања од штотуку завршените парламентарни избори на површина ја исфрлаат новата, сосема превртена слика од таа што имавме можност да ја видиме во текот на кампањата. Особено од директните препукувања меѓу лидерите Зоран Заев и Али Ахмети.
Во еден од објавените разговори за време на кампањата, онака магупски, Заев оцени дека албанските гласови не вредат ни пет пари. И со типична негова еквилибристика, тие албански гласови успеа да ги претстави како гласови на ДУИ. Што ќе рече дека сегашните актуелни нови 15 пратеници на ДУИ не вредат ни пет пари. Но, според сите математики не е баш така. Па, петте пари на гласовите на ДУИ сега добиваат значење дека зборовите на Заев не вредат ни пет пари.
Зашто, Заев токму да го стори и најлошото во моментов, а тоа е поединечно купување пратеници од сите парламентарни партии, повторно не ќе може да дојде до бројка, што ќе значи и стабилно мнозинство и стабилна влада.
Ахмети, пак, во една пригода изјави дека Заев едно зборува откако ќе се напие две чашки ракија, а сосема друго кога имаат директни разговори кога, парафразирано, преде како маче. За жал, тоа што важи за Заев, сега се важи и за зоти Ахмети. Откако се виде дека слабо му успева да ги „дисциплинира“ Алијанса на Албанците и Алтернатива, сега ќе мора да бара нови патишта за да дојде до целта.