Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 20% од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава, како и 20% од гласачките места во рамките на секоја изборна единица.
Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање. Од МОСТ наведуваат дека гласањето се одвива безбедно, согласно здраствените протоколи.
Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има распоредено и 55 мобилни тимови, составени од по двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.
Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.