Македонија 08. декември 2019. / 11:15

Министерот Никола Димитров во работна посета на Брисел, закажани средби со Дендиас и Вархеји

Министерот Никола Димитров во работна посета на Брисел, закажани средби со Дендиас и Вархеји

Министерот за надворешни работи  Никола Димитров утре и задутре ќе престојува во работна посета на Брисел.

Како што соопштуваат од МНР, министерот Димитров утре ќе учествува на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и МНР на Албанија, во организација на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас.

– Работниот појадок, непосредно пред одржување на Советот за надворешни работи на ЕУ, ќе претставува можност министерот Димитров да ги запознае колегите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со последните политички случувања во земјата, со фокус на клучните приоритети поврзани со владеењето на правото, како и имплементацијата на договорите со Грција и Бугарија. Воедно ќе го повтори барањето Советот што е можно поскоро да постигне согласност за новата преговарачка методологија и без понатамошно одлагање да ја донесе одлуката за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија – посочуваат од МНР.

Во рамки на посетата на Брисел, министерот Димитров ќе се сретне со Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување, со шефот на кабинет на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и со шефот на кабинет на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Од МНР информираат дека предвидени се средби и во Европскиот парламент со претседателот на групата Обнова на Европа, Дачијан Чолос и со повеќе европратеници.