Министерот за здравство Венко Филипче ја поздрави одлуката на претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба.
-Сега Владата ќе може брзо и ефикасно да управува со ресусрсите на државата и навремено да реагира на предизвиците кои ни престојат на здравствен и на економски план, напиша Филипче во фејсбук објава.
Понатаму, министерот во својата објава одговара на неколку прашања кои логично произлегуваат со прогласувањето на вонредната состојба. Ви ги пренесуваме во целост:
-Што значи вонредна состојба?
Вонредна состојба значи дека Владата добива и Законодавна и Извршна власт. Со тоа, се олеснува работата на Владата во време на кризи и истата може да носи одлуки за добро на граѓаните многу побрзо и поефикасно.
-Како Владата го прави тоа?
Преку носење на Уредби со сила на закон, кои важат само додека трае вонредната состојба.
-Дали ќе има полициски час или ограничување на движењето?
Во овој момент нема таква одлука, следете ги сите понатамошни одлуки на Владата и ќе бидете информирани за евентулани ограничувања на движење.
-Дали треба да направам резерви на храна?
Не, во државата има доволно резерви и на храна. Останете во своите домови, не излегувајте доколку немате потреба и купувајте онолку колку што ви треба.