Македонија 06. март 2021. / 14:26

Милошоски: Отворени сме за разговори за експертска влада и предвремени парламентарни избори

Милошоски: Отворени сме за разговори за експертска влада и предвремени парламентарни избори

По јавната понуда на премиерот Зоран Заев, кој индиректно потврди дека мнозинството кое тој го има во Собранието е неефикасно и климаво, па побара поддршка од опозицијата за правење на широка влада, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска изјави дека партијата би поддржала таква понуда, само ако станува збор за експертска влада, која тие ја бараат веќе подолго време.

Милошоски истакна дека Заев со денешната изјава, само потврдил дека на Македонија и е потребна поинаква влада од сегашната. Покрај тоа, сегашното мнозинство е неефикасно и не може да се носи со сите предизвици.

– ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку месеци кажа дека на Македонија и е потребна експертска влада која ќе има капацитет и поширока поддршка, за да понуди реални проекти за излез од оваа криза која што Заев не е способен да ја менаџира. Доколку експертската влада е на чело со човек кој е заеднички прифатлив и натпартиска личност која би ја водела државата до локалните избори, а потоа да се организираат предвремени парламентарни избори, тогаш од ВМРО-ДПМНЕ сме спремни да разговараат за таков концепт, истакна Милошоски.

Целосната изјава, погледнете ја на следното видео.