Македонија 21. август 2018. / 16:37

Мицкоски: Земјоделците се оставени сами на себе

Мицкоски: Земјоделците се оставени сами на себе

Ветуваа живот, добивме сиромаштија, сега ветуваат иднина, а добиваме хаос и афери, криминали и упропастена економија. Нема ден да нема нова афера, а покрај капитулантскиот договор се нижат неуспесите на владата во сите други полиња. Земјоделието е во надолна линија. Земјоделците се на работа на егзистенцијата, обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Јас за разлика од владата ќе зборувам преку бројки кои се чисти факти. Според податоците на Државниот завод за статистика во второто тромесечје од 2018 година откупот и продажбата на земјоделските производи се намалени за 4.4% во однос на истиот период од претходната година. Ова значи дека земјоделците бележат загуби и не може да си го продадат своето сопствено производство. Цените на тековно потрошени средства во земјоделството во јули се пораснати за 9.6%, што значи дека заработката е се помала за земјоделците. Растот на трошоците од 8.0% се бележи и во месец јуни. Откупот и продажбата опаѓаат, а трошоците растат“, рече тој.

Мицкоски рече дека годинава бил катастрофален откупот за зелката, краставицата, пиперката, пченицата. Обештетувањето од мразевите и зимското невреме, додаде тој, е само 10%, додека штетите се огромни.

„Состојбата со производителите на сливи е очајна, 20 илјади тони слива стои неискористена, а владата нема слух за нивните проблеми. Паралелно на тоа ја нема ниту зелената нафтата која ја ветуваа, ниту е намалено ДДВ – то за сточна храна, а се забележува и намалување, кратење на субвенциите во неколку земјоделски гранки. Овие податоци се сериозен пораз за владата. Земјоделците се фрлени на колена и оставени сами на себе и тоа мора да се смени. Се работи за непочит на трудот на илјадници семејства кои се прехрануваат од земјоделието, се работи за незнаење, неспособност и немање на план“, рече Мицкоски.