Македонија 07. октомври 2018. / 14:47

Мицкоски понуди опции за излез од кризата – напуштање на Договорот од Преспа, осуда на криминалот и правда за сите

Мицкоски понуди опции за излез од кризата – напуштање на Договорот од Преспа, осуда на криминалот и правда за сите

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одржа прес-конференција, на која констатира дека Договорот од Преспа е мртов и ги соопшти одлуките на партијата за излез од ситуацијата која настана по неуспешниот референдум.

Мицкоски го обвини премиерот Зоран Заев дека договори договор без консензус и дека даде лажно ветување пред меѓународната заедница дека тоа може да помине кај македонските граѓани.

За излез од ситуацијата Мицкоски наведе две опции.

Првата е избори кои Зоран Заев ги најави, а ВМРО-ДПМНЕ ги прифати. И за кој мора да има техничка пржинска влада, содржински иста онаква каква што имаа СДСМ и Зоран Заев пред изборите во 2016 година. Затоа што е потребно да се создаде атмосфера на фер изборен процес, која сега ја немаме.

Второто барање е јавен обвинител на предлог на опозицијата, како и собраниска комисија која ќе ги разгледа нерегуларностите при референдумскиот процес, за истите да не се повторат во предизборијето и на самиот ден на гласање – изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека не барал никаква амнестија за некого, ниту условувал, ниту уценувал некого.

Втората опција која ја нудам е Заев веднаш да се откаже од Договорот, а потоа да одиме на избори, па народот да одлучи. Притоа ВМРО-ДПМНЕ после изборите ќе поддржи создавање на нова обвинителска институција за сузбивање на организираниот криминал и корупција, веднаш по завршување на работата на постојното политизирано специјално обвинителство, но овојпат професионализирано и водено од јавен обвинител кој ќе дојде по пат на консензус на партиите, кој вистински ќе се бори против криминалот и кој ќе работи на случаите отворени од постојното специјално јавно обвинителство, а водено ќе има и можност и да ги доиспита незаконски прибавените снимани материјали, за кои се тврдеше дека поради кусиот мандат не се доиспитани – рече Мицкоски.

Според Мицкоски новото јавно обвинителство ќе го испита и периодот на работење на актуелната влада, вклучително и нерегуларностите поврзани со референдумот.