Година на сиромаштија и економска криза, вака започнува Фејсбук статусот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски каде ја критикува Владата на СДСМ за економската состојба во државата.
Зголемени трошоци, фабрики кои не работат, странски инвестиции кои наместо да доаѓаат, се одливаат од државата.
Нема пласман на земјоделските производи,трудот е потценет и дискриминиран.
Најава за зголемени даноци со кои директно се удира по стандардот на граѓаните, работниците, интелектуалците, земјоделците, луѓето кои живеат од рента, оние со авторски договори, тие кои се обложуваат и играат игри на среќа, се удира по малиот, средниот и крупниот бизнис. Се воведува данок на реинвестирана добивка. Се удира и по најсиромашните, лебот поскапе за 20 отсто, бензините поскапеа, цените растат, а младите не престануваат со иселување. Парите се земаат од народот за власта да се луксузира. За нови нефункционални заменици директори кои ќе ги плаќа народот, за матни и скапи тендери. Ова се црнилата кои ги живеат граѓаните секој ден од оваа година. Следува нова година, нова надеж, година на одлуки и промени, година кога ќе имаме шанса да ги победиме овие црнила, да ги оставиме во старата година како симбол на едно загубено и мачно време. Затоа ни е потребна зората која ќе донесе победа над ова црно владеење, зора која ќе донесе подобри времиња!, напиша Мицкоски на Фејсбук.