Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во акцијата „Разговори за Обнова на Македонија„ од Кочани истакна дека од толку очекуваното и најавувано Специјално јавно обвинителство кое што требаше да биде лулката, колевката на правдината, бескомпромисен борец за правото и правдината се претвори во дувло на криминал и корупција, која што му била алатка и на располагање на Зоран Заев со ваши пари.
–Седум милиони евра годишно се трошени пари таму. Седум милиони евра се трошени пари за да можат да летаат хонорари по 150, 170 илјади евра, во обвинителите. За да можат да имаат месечни примања по пет и пол, шест и пол илјади евра, додека народот гладува, додека народот едвај крај со крај врзува од први до први. Да може да корумпираат директно или индиректно судии, да вработуваат внуци, ќерки соседи на судии за да можат да носат пресуди како онаа која што ја донесоа оние судии за случајот “Поткуп“, каде што цела нација, цел народ, сите граѓани гледаа како Зоран Заев бараше евро за брат му, евро за црквата. А вие тоа не сте го гледале, бие тоа не сте го слушале затоа што преку СЈО се корумпираа тие луѓе – објаснува Мицкоски.
Тој посочи дека се корумпирале новинари да пишуваат текстови со ловорики за Зоран Заев и тие малкумина околу него. Како што вели Мицкоски, се корумпираа адвокати, се корумпираа креатори на мислење да пишуваат лажни колумни. Сето она кое што требаше да биде лулка и колевка за правдата, сето она кое што требаше да биде безкомпромисен борец за правото и правдината преку ноќ, како една голема тажна слика која што разочара многу наши сограѓани кои што тогаш поверуваа дека навистина е дојден денот кога правдината и правото ќе владеат со Македонија.Но за жал, сето тоа беше една алатка на Зоран Заев за да врши притисок, за да уценува политичари, да рекетира бизнисмени.
–Ете тоа е таа реалност која што ни ја донесе Зоран Заев. А, денеска ќе го видиме како позади завеса се договара со оние остатоци кои што ги направија уставните измени во Собранието и сака на мала врата преку Уставен суд да ја реактуелизира аболицијата. А при тоа, виновен да биде ВМРО-ДПМНЕ – истакна Мицкоски.
Тој додава дека криминалецот има само криминален ум и ништо повеќе од тоа, а дека ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го дозволи.
–ВМРО-ДПМНЕ е против било каква шверцерска аболиција или помилување на политичари кои што се огрешиле на ваков или таков начин.Но не само на политичари, туку и на секој оној без разлика дали е од ВМРО-ДПМНЕ, дали е од СДСМ или било која друга политичка партија, а ги прекршил законите, се осрамотил пред граѓаните треба да сноси одговорност и да одговара. А, јас ви ветувам, дека после 12-ти април, на 13-ти април преиспитајте се што сте правеле вие господа од СДСМ, нема ниту една аболиција, ниту еден Стево Пендаровски да ве спаси. Од прв до последен ќе одговарате за злоделата што ги направивте на овој народ и на оваа држава – нагласи Мицкоски!