Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва одржа прес-конференција по гласањето во Собранието за пристапување кон уставни измени.
Мицкоски го прогласи овој петок за најцрниот во демократијата на Македонија.
Денес во Република Македонија се случи тажен ден, црн петок, најцрниот петок во демократијата на современа, независна Република Македонија. Имаше луѓе кои се бореа за делото сочувано во идејата за Македонија и оние кои се бореа против. Но останува историски траг на кој мора да се биде горд, а тоа е дека народот, народот не ја изневери државата, туку Зоран Заев и неколкумина до него кои ја спроведуваат неговата идеја. Волјата на мнозинството граѓани, утврдена на референдум дека се против Договорот со Грција, беше погазена од 2/3 од пратениците во Собранието, но и од осум пратеници од опозицијата, кои тргнаа против волјата на граѓаните, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека на ова гласање претходеа информации и сведоштва за силни притисоци и закани. Се зборувало дека било ветувано ослободување од обвиненијата, кои се всушност политички прогон, со цел пратениците за да гласаат за овој договор. Исто така биле нудени и пари, додаде Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ им се заблагодари на сите пратеници кои не потпаднаа под притисоците на власта и рече дека тие се пример како се брани својата земја и својот народ.
Мицкоски кажа дека, за жал, не сите пратеници ги издржале притисоците.
Не сите издржаа на таквите притисоци, и денот кога требаше да се гласа за овој договор се претвори во лов на пратеници. За овој нивен чекор на оние осум, осум пратеници од опозицијата без оглед на фактот дека добар дел од нив се опфатени од случаевите на политички прогон, тука пред се мислам на СЈО и на 27 април, и што над глава им висат сериозни обвиненија, кои можеби ќе ги чинат слобода, може некој ќе изрази разбирање, но јас како човек не можам да ги оправдам. Ниту пак можам да ја разберам нивната постапка, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
По гласањето Извршниот комитет на партијата одржал вонредна седница на која веднаш се исклучени сите седум пратеници кои гласале „за“ пристапување кон промена на Уставот.
Оние 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои постапија спротивно на партискиот став и волјата на граѓаните на Република Македонија, кој беше партиски став едногласно донесен и на ИК и на ЦК и во координација со пратеничката група, ме разочараа мене, но тоа и не е толку важно, затоа што пред се ја разочараа партијата и татковината и ќе треба со тоа да живеат. Токму затоа вечерва ИК на ВМРО-ДПМНЕ одржа вонредна седница и на мој предлог се усвои, веднаш исклучување на овие 7 пратеници од партијата, рече Мицкоски и додаде дека станува збор за праниците Крсто Мукоски, Елизабета Канчевска-Милевска, Емилија Александрова, Љубен Арнудов, Зекир Рамчимовиќ, Нола Исмајловска Старова и Сашо Василевски.
Според Мицкоски Заев нема мандат да го менува името.
Заев нема мандат ова да го прави. Ова е силување на иснтитуциите, насислтво врз државата, срамно дело кое ќе се памети. Заев нанесе срам кон Македонија. Македонија е во тешка ситуација, токму поради оваа гарнитура на власт, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека зад Договорот од Преспа се кријат бизнисите и криминалот на власта.
Мицкоски потврди дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од европските вредности, потенцирајки дека тоа е нашата иднина.
Ова е почетокот за Македонија. Ова е почетокот за нас Македонци. Ова е почетокот на крајот на Зоран Заев и неговата срамна улога во нашата историја. Не очајувајте, мора да се спротиставиме на ова заедничко зло кое ја гуши нашата земја на оваа кримнална насилничка власт. Не чека напорна работа и кој друг ако не ние имаме обврска да се спротиставиме.
Македонецот се борел, не затоа што секогаш победувал, туку затоа што никогаш не се откажувал, а ние заедно ќе победиме и тоа ви го ветувам, порача Мицкоски и рече дека ќе победи на наредните избори.