Македонија 08. март 2020. / 14:46

Мицкоски најави здравство без хартија, укинување на рецептите и услуги само со лична карта

Мицкоски најави здравство без хартија, укинување на рецептите и услуги само со лична карта

Ветувам нула толеранција кон корупцијата, но и многу работа, и достоинствени услови во здравството, порача денеска на прес конференција, на која презентираше пакет мерки во здравството, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој порача дека ќе се борат за вистински бесплатно здравство во кое мора да има задоволни лекари и здравствен персонал кој што ќе резултира на крајот од денот со задоволни граѓани.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи ревидирање на позитивната листа, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи. Се обврзуваме на обнова која ќе значи зајакнување на дежурните служби и итна медицинска помош, рече Мицкоски посучувајќи дел од пакетот мерки.

Најави и воведување на „здравство без хартија, укинување на рецептите и услуги само со лична карта“.

– Ова подразбира Целосна дигитализација на рецепти, упати, извештаи и резултати. Дигитализација на радиолошките единици, нивно поврзување во единствен центар за да се скратат процедурите и да им се олесни пристапот до здравствениот систем на граѓаните. Системот ќе биде дигитализиран во сите делови, од подигнување електронски рецепти кај матичниот лекар, до добивање медицински извештаи. Електронски издадената рецепта од лекарот, ќе може да се подигне во било која аптека со документ за лична идентификација од страна на пациентот или негов близок, рече Мицкоски.