Мора да се биде реален и да се погледне на проблемите отворено. Денес кога било кој граѓанин треба да заврши некоја работа во државното здравство прво што паѓа напамет е како да се изнајде најкусиот пат „преку пријатели“ да се заврши работата, рече на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и додаде дека тоа отвора пат за корупција, непринципиелни барања, ерозија на вредностите.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не се виновни самите граѓани, ниту пак лекарите, туку пред се станува збор за не функционирање на системот.
– И ова се проблеми кои се наталожувани со години, а особено доаѓаат до израз последните три. Тендери во 4 очи, бизниси на поединци наместо здравствена нега, крвави тендери се само мал дел од она што е актуелно во здравството. Згора на тоа, поради лошите услови здравствениот персонал и лекарите се почесто наоѓаат работа надвор од земјата, во странство, а здравствените установи остануваат без она што е најсуштинско, најпотребно, а тоа е квалитетен и искусен кадар, посочи Мицкоски.
Тој потенцираше дека е потребна целосна обнова на здравството, со квалитетни реформи и мерки кои ќе обезбедат повеќе квалитет, повеќе задоволни граѓани, повеќе здравје за секого. Во таа насока, Мицкоски презентираше дел од мерките кои партијата ги планира за обнова на македонското здравство.
– Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на капитален проект за воспоставување на национална мрежа на 4 нови клинички центри што ќе подразбира нов квалитет во македонското здравство. За прв пат досега интегриран систем од 4 клинички центри и тоа: Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, Универзитетскиот Клинички Центар „8 септември“, кој што практично планираме да го трансформираме во Клинички Центар кој е планирано да работи под административна капа на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, воспоставување на Универзитетска клиничка болница Штип што ќе опфати подигнување на нивото на сегашната болница и воспоставување на Универзитетска клиничка болница Тетово, рече Мицкоски.
Со ваквите 4 центри, додаде тој, здравството ќе стане подостапно за граѓаните и ќе се спасат повеќе животи.
Дополнително, најави дека како партија се обврзуваат на обнова која ќе опфати реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола, како и реконструкција и модернизација на Универзитетска клиника за Хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, со што главниот град ќе добие современа болница каква што заслужува.
Во врска со лекарите, Мицкоски рече дека ќе обезбедат за 20% повисоки плати во здравството за сите.
-Мора да имаме задоволни вработени во здравствениот систем кој ќе ја градат иднината тука во државата. Затоа предвидуваме линеарно во еден четиригодишен мандат континуиран раст од вкупно 20% на платите на лекарите, стоматолозите, средниот медицински персонал и техничкиот и административниот персонал, потенцираше Мицкоски.
Истовремено, рече тој, се обврзуваме да веднаш во првите 100 дена да интервенираме во законот, каде што ќе се овозможи на медицинскиот персонал, лекарите, техничкиот персонал заедно со лекарите да можат покрај услугите кои што ќе ги даваат во државното здравство, да даваат услуги и во приватното здравство. И обратен процес, да може лекарите кои што даваат услуги во приватното здравство да можат да даваат услуги во државното здравство.
Дополнително, ќе се овозможи и утврдување на достоинствена гарантирана плата за специјализанти и платени дежурства, ревидирање на позитивната листа, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи, како и воведување здравство без хартија, укинување на рецептите и услуги само со лична карта.
– Ова подразбира Целосна дигитализација на рецепти, упати, извештаи и резултати. Дигитализација на радиолошките единици, нивно поврзување во единствен центар за да се скратат процедурите и да им се олесни пристапот до здравствениот систем на граѓаните. Системот ќе биде дигитализиран во сите делови, од подигнување електронски рецепти кај матичниот лекар, до добивање медицински извештаи. Електронски издадената рецепта од лекарот, ќе може да се подигне во било која аптека со документ за лична идентификација од страна на пациентот или негов близок, рече Мицкоски.
Вети и зајакнување на дежурните служби и итна медицинска помош, ослободување од административни процедури на матичните лекари. А, се обврзуваат и на обнова преку која ќе се изгради Здравство ориентирано кон пациентите со носење на Национална здравствена стратегија заснована врз неколку постулати.
– Зајакнување на јавното здравство – заради тоа што лекарите и здравствените работници треба да останат во Македонија и тука во јавното здравство; Зајакнување на примарното здравство, стоматологијата и превентивата; Оптимизација на здравствениот систем, ориентиран кон бенефит за пациентот; и конечно Нулта корупција во здравството, која што ќе опфати како заклучок Интегрирање и функционално реорганизирање на здравствените единици, пореча Мицкоски.
Според него, ваквите мерки во здравството треба да донесат револуција во квалитетот и повеќе здравје за секого.