Македонија 23. јули 2018. / 18:03

Мицкоски: До овој момент не преговаравме и не разговаравме за други теми, ниту за карактерот на референдумот, ниту за евентуалното референдумско прашање

Мицкоски: До овој момент не преговаравме и не разговаравме за други теми, ниту за карактерот на референдумот, ниту за евентуалното референдумско прашање

Интегрален текст од изјава за медиуми на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

После неколку часовни преговори, разговори, денеска, но и на претходната средба, владејачкото мнозинство односно Владата се согласи на позициите на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дека е неопходно носење на закон за финансирање на политички партии.

Исто така измени во законот во Законот за Влада, кои што подразбираат формирање на техничка влада по Пржинскиот концепт, услови кои што всушност ги имаше опозицијата во декември месец 2016 година, ни повеќе ни помалку.

Се согласивме процедурата која што беше започната за формирање на Државната Изборна Комисија, преку измени на Изборниот Законик, на начин на кој што ќе се смени бројот на пратеници кои што ќе гласаат за избор на членови на ДИК, односно наместо двотретинско мнозинство да биде со мнозинството од вкупниот број пратеници, ќе се стопира и ќе се повлече, ќе се врати старата процедура.

До овој момент не преговаравме и не разговаравме за други теми, ниту за карактерот на референдумот, ниту за евентуалното референдумско прашање.

Во втората половина на денот очекуваме и таа тема да ја отпочнеме, но она што е важно е дека со овие усогласености кои што ги постигнавме во првата половина на денот се гарантира еден успешен изборен процес кога и да се случи, дали тоа ќе биде на предвремени или на редовни парламентарни избори.

Опозицијата ќе се чувствува комотно бидејќи ќе ги има истите услови кои што опозицијата тогашна за време на предвремените парламентарните избори во декември месец 2016 година ги имаше, односно концептот на техничка влада, односно влада која што ќе обезбеди сигурност и стабилност на еден изборен процес.

Исто така законот за финансирање на политички партии е голем чекор, бидејќи на тој начин, добиваме еден модел кој што ќе гарантира зголеменост на транспарентноста и отчетноста на финансиите на сите политички партии, ќе превенира евентуални злоупотреби во иднина.

Тоа беа позициите на ВМРО-ДПМНЕ, добро е што владејачкото мнозинство ги прифати тие позиции

Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ беше дека она девијантно однесување и насилнички упад преку измените во Изборниот Законик ќе се сопре и ќе можеме да дискутираме за едно нормално однесување во рамките на Парламентот.