Симтоматично преку ноќ, и на само неколку месеци пред изборите, станува актуелна темата со одлучувањето на Уставниот суд, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– По сè изгледа самата тема стимулирана од провладините структури, ми изгледа за предизборна стапица каде нужно ќе се навраќаме како јавност на старите теми, сè со цел да се заборави она што е вистински актуелно, а тоа се десетиците коруптивни и криминални зделки кои остануваат не само неказнето, туку за кои нема ниту истраги, како „Кеш“, „Вирус“, „Рекет“ 1 и 2, набавка на хеликоптери, тепање на вработен во општина од градоначалник, криминалци на слобода, вели Мицкоски.
Кога станува збор за аболицијата како принцип, потенцира Мицкоски, и особено што на чело на Владата имаме некој кој веќе поминал низ тој процес и е аболиран, ќе кажам дека сум човек кој не верува и не поддржува аболиција како принцип, особено што целата оваа дебата ми личи за подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта кои се плашат од одговорност за аферите сега, како и еден вид закаснета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци.
– Иако сега власта ќе крева прашина, ќе создава вештачки непостоечки теми и хипотези, и ќе истакнува колку тие се против, сепак останува фактот дека ова е тема која единствено им одговара на Заев и СДСМ. Јас компромис со правдата не правам, ниту сега и во иднина, а до крај ќе бидам за доследна примена на законите и Уставот, воспоставување на независно судство и обвинителство, како и одговорност за секој докажан криминал, потенцираше Мицкоски.