Членови на македонско-бугарската историска комисија тврдат дека на последната средба на комисијата во Софија се случил сериозен концепциски судир и делумна блокада на работата на комисијата, пишува expres.mk.
Причината била позицијата на бугарскиот тим кој инсистирал работата да продолжи со претпоставки дека Гоце Делчев е Бугарин и дека целата средновековна историја на двете земји е Бугарска.
Бугарскиот тим сакал да прикаже дека отвореноста на македонскиот тим за заедничко одбележување на настани од историјата и прифаќањето и Бугарија да слави личности од македонската историја е формално признание за бугарскиот карактер на сите историски личности до 1944 година и појдовна база на која треба да биде постигнат финален компромис.
Главен аргумент за ваквиот обид бугарските претставници наоѓале во изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски кој според нив признал дека Делчев е Бугарин.
За разлика од членови на македонскиот преговарачки тим, за бугарски учесник во комисијата преговорите стануваат нерационални поради неочекуваната радикализација на позицијата од страна на македонски членови на комисијата при што има опасност за целосна блокада ако македонските експерти не ја променат новата тактиката.
“Јасна е видливата промена во позициите и обидот се што е предходно договорено, дури и работи за кои никој не спори, повторно да се стават на маса. Како да немаат веќе желба да најдеме решение, вели бугарски член на комисијата кој предупредува дека оваа ситуација може да ги загрози македонските евроинтеграции за кои минатата недела говореше и претседателот Рмуен Радев.
А токму со него од понеделник ќе се сретне бугарскиот дел од комисијата која има редовна комуникација со кабинетот на премиерот Борисов и министерката за надворешни работи Захариева.
На средбата со Радев меѓу другото ќе се разговара за црвените линии до кои може да оди Бугарија доколку македонскиот тим одбие да ја прифати бугарската позиција.
Според официјалната бугарска историографија до 1944 година во двете земји има само еден народ кој се поделил како резултат на последиците од документ на Коминтерната од 1934 година кога според Бугарија за прв пат е проговорено за македонската нација на меѓународно ниво.
Бугарија нема да стави вето на датумот за преговори со ЕУ за Македонија на самитот на ЕУ на средината на октомври доколку така биде договорено меѓу Германија и Франција но ќе го задржи правото на заштита на нејзините национални интереси во текот на отворањето и затворањето на преговарачките поглавја, тврдат бугарски дипломати за expres.mk.
Патот до членство во ЕУ за Македонија е долг и тој освен преку Брисел, Париз и Атина мора да помине и преку Софија. Покажавме дека кога се работи рационално и врз основа на факти можен е договор и за најважните и најтешки теми. Одговорноста е сега на Македонија да покаже дека досегашната конструктивност не била само политички маркетинг туку вистински обид за приближување на народот во двете земји, вели бугарски дипломат кој инсистира на анонимност.
Вчера expres.mk објави и за обидот на Бугарија во финалниот договор да се имплицира дека се работи за ист народ од двете страни на границата.