Македонија 21. април 2018. / 14:03

Македонија станува бугарска земја? Во Штип ќе се слави денот на бугарската армија

Македонија станува бугарска земја? Во Штип ќе се слави денот на бугарската армија

Фондацијата „Бугарска памет“ ќе организира прослава по повод 6 мај, бугарскиот празник „Ден на храброста“ во Ново Село, Македонија.

Оваа година за прв пат на прославата ќе присуствуваат и претседателите на двете земји, изјави за бугарската агенција БГНЕС, д-р Милен Врабевски, основач и претседател на Фондацијата.

„Денот на храброста“ и празник на Бугарската армија е официјален празник во Република Бугарија – професионален празник на војниците и празник на Воениот орден „За храброст“, кој традиционално се одбележува секоја година на Ѓурѓовден – 6 мај.

Како што пренесува БГНЕС, Фондацијата на Врабевски, активно ја развива прекуграничната соработка помеѓу Бугарија и Република Македонија и посветува посебно внимание на заедничките прослави.

Бугарскиот меморијален споменик во Ново Село е целосно реставриран со средства на Врабевски и се наоѓа во совршена состојба. Две недели пред големиот празник, подготовките за празникот се одвиваат со полна пареа.

-Успеав да се видам со гардистите и да го разгледаме местото каде на 6 мај ќе се одржи историската средба на двајцата претседатели на Република Македонија и Бугарија Ѓорге Иванов и Румен Радев.- изјави филантропот Врабевски, пишува БГНЕС.

-Многу сум горд што за прв пат ќе бидам удостоен со честа да се направи средба на толку високо ниво. Секоја година тука доаѓаат македонски политичари и претставници на македонската црква, а сега нивото е унапредено – внимание му посветуваат не само претставниците на големите сили преку своите воени аташеа, туку и двајцата шефови на држави и нивните кабинети.- вели д-р Врабевски.