Протоколот за членство на Македонија во НАТО денеска се очекува да биде доставен до американскиот Стејт Департмент, по што се очекува да уследи и официјална церемонија на подигнување на знамето на земјава пред седиштето на НАТО во Брисел, објави американскиот портал специјализиран за одбранбени прашања „Дефенс Њуз“.
Со ова земјата и официјално ќе стане 30-та членка на Алијансата. Ваквиот чекор следи откако Шпанија минатата недела го ратификува Протоколот, како последна меѓу членките на НАТО, по што генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на 20 март упати писмо до премиерот Оливер Спасовки со кое официјално ја покани земјата да стане 30-та членка на Пактот, наведува порталот.
– Протоколот стапи во сила на 19 март 2020 година во согласност со членот 2 од Протоколот, се наведува во соопштението на Стејт департментот, сепак, пишува порталот за договорот да биде комплетен, Македонија мора да го достави својот „инструмент за пристапување“ до Стејт департментот.
„Дефенс Њуз“ наведува дека Амбасадата на земјава во Вашингтон потврдила дека документите ќе бидат доставени денеска во Стејт департментот.
Порталот потсетува дека патот на Северна Македонија кон членството во НАТО почна во 1995 година, кога земјата се приклучи кон програмата „Партнерство за мир“, а формалниот пат за зачленување во Алијансата беше инициран на Самитот на Пактот во Вашингтон во 1999 година.
– Но, приемот во НАТО со години беше блокиран од страна на Грција, со нејзиното барање Македонија да го промени или модифицира своето име, за да се избегнат какво било претензии кон територијата и античкото наследство на регионот во северна Грција со името Македонија – родното место на антички воин, кралот Александар Велики. Договорот меѓу двете земји од 2018 година доведе до тоа Македонија да стане Северна Македонија, а Грција се откажа од своите приговори на членството на државата во Алијансата, истакнува „Дефенс Њуз“.