Македонија 02. март 2019. / 19:40

Лидер со предизвик до Владата: Покажете вештачење на телефонот на премиерот

Лидер со предизвик до Владата: Покажете вештачење на телефонот на премиерот

Со оглед на тоа што Владата не обвини за ширење на лажни вести, иако редакцијата ја провери автентичноста на разговорот, директно на телефонот на граѓанинот кој комуницирал со премиерот Зоран Заев, бараме за да се утврди дали се работи за лажна вест или не, надлежна институција да изврши сајбер форензичка анализа, вештачење, на телефонот на премиерот.

Одговорно и со целиот кредибилитет на наула лажни вести објавени од нашето постоење ја потврдуваме автентичноста на разговорот кој го видовме со наши очи. И покрај тоа што се работи за очигледно автентичен разговор Владата без да понуди никаков доказ тврди дека се работи за лажна вест.

– Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија категорично ја отфрла како неточна и конструирана наводната преписка на електронски канал за комуникација која се прикажува како наводно да била водена меѓу премиерот Зоран Заев и измислен „разочаран член на владејачката партија“. – тврдат од Влатата и велат дека се работи за лажна вест, конструирана содржина, графичка манипулација која единствено има за цел да шири лаги и со тоа да наштети на угледот на премиерот Заев.

Нашите докази се несоборливи, ако тврдите дека е лажна вест ви фрламе ракавица да објавите докази дека разговорот не се случил, како што ние понудивме и доставивме јавни докази за истиот.

Лидер утринава објави ексклузивна приватна кореспонденција, помеѓу премиерот Зоран Заев и виден член на СДСМ. Во автентичноста на разговорот, кој ни беше презентиран лично од разочараниот член на владејачката партија, редакцијата успеа да се увери на лице место, затоа што ни беше покажан лично од него, на телефонот на кој истиот се одвива.

Потоа, откако се уверивме дека се работи за разговор кој се водел, а од другата страна е телефонскиот број на премиерот Заев, решивме да направиме слики од истиот и да и го презентираме на јавноста.

Разговорот е воден во втората половина од минатата година а се однесува на партиски вработувања. Нашиот свиркач, тогаш од премиерот побарал да биде вработен, на што премиерот му одговорил дека вработувањата во државен сектор одат преку Општинските организации на СДСМ.

-Идната седмица ќе правам муабет. Преку општинските организации одат вработувањата, ќе треба да разговарам. – му одговорил Заев на нашиот извор.

Но, работите не застануваат тука. Откако поминал извесен период, нашиот извор повторно стапил во комуникација со премиерот Заев, разочаран затоа што не е вработен.

Во овој наврат, тој му пратил една разголена фотографија од личност за која тврди дека е блиска до генсекот на СДСМ, Александар Кирацовски, а била вработена во одредена државна институција. На ова Заев му вели дека треба да се засрами и дека партијата партиски вработила дури 28.000 луѓе.

-Прво треба да ти е срам вакви слики мене да ми испраќаш. Партијата има досега 28.000 луѓе вработено. Помага на сите и ќе продолжи да помага.– вели премиерот Заев.

Во продолжение Заев констатира дека веројатно се работи за активистка на партијата која била вработена.

Јасно е дека нашиот извор оваа кореспонденција ни ја презентираше од себични причини – затоа што не е вработен – но, во неа има огромен јавен интерес, иако се работи за приватен разговор.