Македонија 18. јуни 2018. / 01:59

Летото 1948 година, Македонците се убивани во Мала Преспа, денес нивниот идентитет е таму закопан

Летото 1948 година, Македонците се убивани во Мала Преспа, денес нивниот идентитет е таму закопан

Зошто Заев и Ципрас ја одбраа токму Мала Преспа за нивниот договор, зошто не го одбраа Дојран или Кајмакчалан? Тоа се исто познати места, едното покрај вода, другото релативно непристапно, слично како и трските покрај кои денес неможеа да пристапат незадоволните луѓе. Бидејки Мала Преспа одсекогаш била македонско бунтовно јадро, кое дало не само херои кои гинеле за македонската кауза, туку и просветни дејци за кои нашата јавност (за жал) незнае речиси или комплетно ништо.

Сместена на еден од краците на Виа Игнација, Мала Преспа (па и Преспа во целост) била крстопат и важно место за многу освојувачи, локални феудалци, религиозни просветители, но и за големите сили од модерната историја. Тука била сместена престолнината на Цар Самоил, тука е една од најстарите цркви на балканот во Село Курбиново од 1191 година. Во манастирите околу Преспа се образувала Св.Злата Мегленска, еден од најзначајните македонски светци, која животот го загубила бранејки ја својата вера од локалните турски асимилатори и насилници. Тука е роден првиот претседател на ВМРО Христо Татарчев. Во време на Илинденскиот Период 1903, покрај Крушево, Клисура и Невеска, ослободен е и поголемиот дел од Преспа. Во 1920-тите години тука е илегално вметнат македонскиот јазик во наставната програма за македонските деца. Тоа е гест на локалните учителки, сестрите Фросина, Фота и Филимена Дупенски, од селото Пепли, кои поради таквиот чин се затворени, осудени на смрт, и ликвидирани во Солун во времето на диктатурата на Јоанис Метаксас  1937 година.

Од Мала Преспа потекнуваат печалбарите кои во САД ја формираат првата Македонска Политичка Организација (старото МПО) во 1920-тите, која се држела на дистанца од сличните организации на сите соседни држави. Во Преспа се појавуваат и првите работнички и комунистички дејци од кои најзначаен и најпознат е поетот и борец за Македонија во Втората Светска Војна, Мите Богоевски. Дури постои и еден грчки мит, според кој во таа околина наводно е закопан античкиот поет Хомер.

Можеби едни од најважните историски настани, значајни за македонците, но и за грците, се случуваат во селата Перово и Езерани, во летото 1948 година. Тука се зададени последните грчки воени удари на македонскиот отпор и борба за свои права, тука се убиени не само многу македонски партизани, туку и бројни цивили кои летото 1948 година сакале преку Албанија, да пребегнат во Вардарска Македонија. Сведоците кои го преживеале ваквиот масакр, велат дека водите на Мала Преспа, покрај Езерани и Перово, биле обоени во црвено од крвта на убиените македонци. Овие жртви не само што немаат никакво спомен обележје, туку се за жал и непознати за поголемиот дел од македонската јавност. Важен детал во целата вистина, е дека жртвите страдаат од грчката воена пешадија, но и од авијацијата на Западните сојузници, конкретно од Британската Воена Авијација.  Дали се работи за „политичка коректност“ кон денешните партнери во НАТО, или претходно се работело за „политичка коретност“ кон Југословенските кредитори…незнам! Но останува фактот дека македонската историја никогаш достојно ги нема илустрирано масакрите кај Перово и Езерани.

И нормално, најпогодно и најадекватно место за понижување и мирнодопско ликвидирање на еден народ, се неговите светилишта, олтарите кои создавале писменост и култура за таквиот народ, односно местата каде е пружан отпор кон негоите поробувачи. Нема сомневање, дека за македонците тоа се Охрид , Преспа и Крушево. Па бидејки во Охрид веќе бевме понижени со т.н „Рамковен Договор“ Преспа остана место каде македонизмот треба да биде погребан и отфрлен како реалност, и тоа максимално театрално, и со огромна доза на бизарност која се гледа во неинтелегентното објасување на целиот настан (демек бил „за наше добро“). Крушево е оставено последно, каде на 2 Август ќе биде потпишан договорот со Бугарија, според кој ќе треба да учиме бугарска историја.

Историјата познава и нешто што се вика „Феномен на Хитлеровиот Вагон“. Имено, при поразот на Франција од страна на Нацистичка Германија 1940 година, Хитлер барал француската капитулација да биде потпишана во истиот железнички вагон, во кој Австро-Унгарија потпишала капитулација во Првата Светска Војна. „Хитлеровиот Вагон“ за модерните историчари е симбол на триумфално понижување, на демонстрација дека непријателот е немоќен дури ниту на церемонијален, ниту на протоколарен план.

Изборот на Мала Преспа за потпишување на вакви договори, ја има истата симболика, симболиката на „Хитлеровиот Вагон“. Македонија како држава е изгазена, онаму каде била најорганизирана и најсилна, и тоа на таков понижувачки начин, што ни ние самите нема да смееме повеќе да ја нарекуваме како сакаме.  Одприлика истото важи и за Крушево, каде ќе биде и финалното обезличување на овој народ и неговиот животен простор. Затоа читајте историја за Мала Преспа, за Крушево и Охрид, додека сеуште можете.