Македонија 19. јуни 2020. / 10:10

Кого испратил Заев во Шутка по потпис од Боки?

Кого испратил Заев во Шутка по потпис од Боки?

Кого испратил лидерот на владејачкиот СДСМ и екс-премиер Зоран Заев во истражниот затвор Скопје во Шутка по потпис од Бојан Јовановски-Боки 13 за под присила писмено да потврди дека немале меѓусебна средба?

Прашањето се поставува откако вчера, по пресудите за случајот „Рекет“, адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски, го потврди постоењето на такво писмо.

-Многу е тешко да имате работа со држава. Му извадија едно писмо кое под присила го натераа да го потпише во затвор, дека немал никаков контакт со поранешниот премиер, изјави Дуковски.

Ваквиот потег на Заев само потврдува дека кај него постои огромен страв од можноста Боки-13 вистински да пропее, особено сега кога стана јасно дека тој е само обичен параван зад кој се кријата видни имиња од политичкиот естаблишмент во земјата.

За жал, Дуковски не откри од кога датира потписот на Боки и за кој период Заев побарал тој да потврди дека немало нивна меѓусебна средба.

Но, ова е камче од мозаикот, што Заев го подготвувал за одбрана во случајот „Рекет’“ и, воопшто, од рекетирањето на бизнисмените во државата како начин на неговото владеењето. На тоа работел долго време за сега да се дојде до една комична ситуација од која треба да произлезе хичкоковски пресврт во кој ќе треба да веруваат само неговите медиумски пит були и пи-ар карикатури.

Од оваа временска дистанца јасно се гледа зошто на лидерот на опозицијата Христијан Мицскоски му се поставуваше прашањето дали се познава со третообвинетиот во „Рекет“, Зоран Милески-Кичееец. За него и Боки и Катица Јанева и нивната одбрана јасно кажаа дека е агент провокатор. А, во доказната постапка јасно се виде дека Кичеец седел во една скопска кафеана со најблиските адвокати на семејството Заеви и тоа токму во време кога почна да се расплетува копчето.

На ова се надоврзува и вчерашната конструкција на Заев дека адвокатот на Боки, Дуковски, наводно преку посредник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ им доставил материјали, што допрва треба да бидат објавени во јавноста. Дуковски тоа експлицитно го демантираше и побара објаснување на Заев за какви материјали станува збор-дали за материјали од невештачениот телефон на Боки-13 или за некои други и го повика екс-премиерот веднаш да каже на кои и какви материјали мисли.

Плетењето на мрежата за одбрана вчера ја навести партиската десна рака на Заев, Љупчо Николовски, кој вината за случајот „Рекет“ карикатурално се обиде да ја префрли на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа не врз основа на некакви факти, туку врз основа на пратениот агент провокатор Зоран Милески-Кичеец. Во изјавата наменета за блесави недостасуваше да каже уште дека рекетираните пари од бизнисмените, што според првичните проценки се движеа до 20 милиони евра, завршиле кај опозицијата!