Македонија 10. March 2019. / 19:48

Кекеновски за “Лидер”: Далеку сме од избор на вистински претседател! 

Кекеновски за “Лидер”: Далеку сме од избор на вистински претседател! 

Во неделното интервју за Лидер, професорот Јове Кекеновски вели дека понудата од тројцата кандидати е сиромашна и безлична.  Не очекува разврска во првиот изборен круг на 21 април ,а според негова проценка од номинираните, разочарано е и членството на партиите и нема да гласа за своите кандидати. Вистинската личност која треба да застане на чело на државата треба да се спротивстави на сите обиди за рушење на унитарниот карактер на државата и да го зачува нејзиниот мултиетнички карактер, вели Кекеновски.

Поинаква би била политичката сцена доколку пред 5 години Кекеновски застанел на функцијата ,,шеф на државата”, тврди  професорот.  Доколку мене ме избереа за Претседател, немаше да се случи 27 април, ниту Тиранска платформа ниту пак преслушување! Вели,  немал да и дозволи  на опозицијата на ваков начин , со лаги, манипуации и со странска помош и странско мешање во внатрешните работи на државата да дојде на власт.

Иако се шестти избори, за прв пат земјава ќе добие претседател на Република Северна Македонија. Се залагавте за консензуален кандидат на опозицијата, а ВМРО-ДПМНЕ ја номинираше Гордана Силјановска. За сметка на тоа власта настапува со заедничко консензулано решение, Стево Пендаровски. БЕСА и Алијансата на албанците со поддршка за професорот Блерим Река. Според Вас, кој ја има направено вистинската проценка за избор на кандидат? 

Дали воопшто имаме вистински кандидат за претседател на државата и дали партиите ја направиле вистинската проценка ќе си кажат граѓаните на претстојните претседателски избори. Од она што го слушам и гледам како расположение на јавноста, како и од сиромашната и безлична понуда, мислам дека сме далеку од избор на вистински претседател на нашата држава 

Какви се шансите земјава да добие претседател уште во првиот круг? И доколку не ,дали во вториот круг може да не се исполни цензусот и Талат Џафери да стане прв човек на државата? 

Шансите се минимални, односно никакви. Постои подеднакво незадоволство од предложените кандидати и кај опозицијата, но и кај партиите на власт. Од друга страна без разлика што ДУИ застана зад кандидатот на СДСМ. Мислам и повеќе сум од стопостотно убеден дека најголем дел од членовите и симпатизерите на ДУИ, како и дел од сдсмовците нема да гласаат за заедничкиот кандидат на партиите на власт

Исто тоа се однесува и за т.н надпартиски кандидат поддржан од наметнатото и времено раководство на ДПМНЕ. Што се однесува до Талат Џафери, тој како претседател на Собранието само времено ќе ја извршува и функцијата претседател на државата се до распишувањето на нови повторни претседателски избори односно до изборот на нов претседател  на државата. 

Според Вас, каква личност треба да застане на чело на државата и дали таа ги има карактеристиките на веќе понудените кандидати? 

Каков профил на кандидат за претседател ни е потребен? Јасно дека мора да биде човек со карактер, чесен, правдољубив, со беспрекорна кариера и без ниту една дамка во својата животна историја. Семеен човек кој има успех на семеен и на професионален план. Човек кој има свое ,,јас”, свое достоинство и човек од збор, а не персона која во својата кариера по било која основа им слугувала на поранешните ,,државни авотритети”.  Тоа мора да биде човек кој по неговиот избор без разлика дали некој гласал или не гласал за него, ќе мора сите подеднакво да ги почитува, да се грижи за сите подеднакво без разлика на припадноста.

Да се спротивстави на сите обиди за рушење на унитарниот карактер на државата и да го зачува нејзиниот мултиетнички карактер. Човек кој подеднакво ќе го осуди и ќе се боди против груевизмот, заевизмот и ахметизмот и кој во ниту една ситуација нема да потклекне пред партиските лидери-автократи.  По неговиот избор како вистински татко на нацијата ќе мора постојано да ја има под лупа работата на владата и парламентот и останатите институции и со голема доза на објективизам да ја критикува и да ги обелоденува сите незаконити дејанија, без разлика што можеби одредени работи и не се во негова надлежност. Тој мора да биде глас на народот и разумот. 

 Каква кампања очекувате? Дали веќе очекувано сценарио? Власта да оди со идеата за НАТО и евроинтегративниот процес, а опозицијата да ја критикува актуелната власт? Можат ли овие кандидати да понудат поинаква изборна реторика? 

Од причина што по игра на случајот засега имаме три кандидати кои се професори, очекувам достоинствена кампања без лични навреди и омаловажувања, но од од друга страна нема да ме изненади во одредени  моменти да слушнеме префидни и саркастични пораки кои ќе бидат упатени кон противкандидатите.

Секако дека устите на кандидатите постојано ќе течат медени зборови за нашата недвосмислена заложба за НАТО и ЕУ интеграција и поддршка на Преспанскиот договор од страна на заедничкиот кандидат на партиите на власт.Т.н надпартиски односно ,,либералносоросов-мицковистички кандидат по однос на Преспанскиот договор јасно кажа се во едно тв интервју,,Можете Вие да го смените името, може да го напишете на сите институции јас тоа ќе го почитувам. 

Што се однесува до критики на опозицијата мислам дека тука нема да има реална и искрена критика од причина што кандидатот на опозицијата има иста или слична идеологија како и партиите на власт, а за жал раководството на најголемата опозициона партија во отсуство на десничарка идеологија и национална и државна стратегија  е заслепено со самоумислената желба и идеја побрзо да ги запоседне виските државни позиции.  

Дали сметате дека државата треба да троши народни пари и на ваков начин да го бира претседателот на државата или можеби е потребен друг изборен модел, тој да се бира во Законодавниот Дом? 

Таквата заложба не враќа назад на почетокот на 90-тите години на минатиот век кога Претседателот на РМ се избираше во Собранието на РМ. Јас не се согласувам со таквиот начин на избор на првиот човек на државата бидејќи тој дефинитивно ќе биде само церомонијална личност без никакво влијание, а целокупната власта ќе биде во рацете на Премиерот. Напротив се залагам да се зајакне уставна позиција на претседателот како би можел тој да биде вистински коректор и баланс наспроти овластувањата на владата и законодавната власт на парламентот односно трансформирање на параламентарно-претседателскиот систем во полупретседателски (мешовит) политички систем. 

Јове Кекеновски беше кандидат за претседател на Република Македонија. Што доколку ја добиевте довербата од партијата но и од граѓаните? По што би се разликувало вашето водење на државата од она на Ѓорги Иванов? 

Доколку на конвенцијата на мојата партија во 2014 година им беше дозволено на делегатите слободно да гласаат јас сум убеден дека потоа лесно ќе ја добиев и довербата на граѓаните и денес немаше да бидеме во ваква ситуација каква што сме, туку на овие избори ќе победев во првиот круг во борбата за втор мандат. Разликата во водењето на државата ќе беше мошне очигледно и неспоредливо или што би рекле граѓаните разликата ќе беше како ,,небо и земја. 

Најнапред немаше да дозволам длабоко да потонеме во политичката криза која сите не донесе до дното и немаше да бидам нем сведок и помагател на асполутистичкото владеење на моите сопартијци. Немаше да го имаме ниту 27 април 2017 година,  ниту некакви ,,Тирански или било какви други платформи, ниту монструозното незаконско прислушување на десетици илјади граѓани и безмилосно и дрско богатење преку крадење на народни париНемаше судството да спадне на овие гранки на кои е сега и на кои беше во минатото, а корумпираните сопственици на медиуми и новинари одамна ќе се збогуваа со својата професија и дејност. 

Со својот кредибилитет и авторитет ќе помогнев нивната кариера (мислам на сите претходно наброени) да завршеше порано и сите тие да бидат казнети согласно сторените зла, а на нивно место да дојдат чесни и достоинствени личности. Немаше да и дозволам на опозицијата на ваков начин (со лаги, манипуации и со странска помош и странско мешање во внатрешните работи на државата) да дојде на власт и да продолжи по истиот терк како и претходниците.