Македонија 19. мај 2018. / 14:16

Каракачанов: Илинденска Македонија значи бугарска Македонија

Каракачанов: Илинденска Македонија значи бугарска Македонија

На потпретседателот на Владата на Бугарија и министер за одбрана Красимир Каракачанов му звучи добро „Република Илинденска Македонија“ што како можно ново име на нивниот западен сосед вчера одекна како бомба од Софија.

„Мислам дека Грција и Македонија дојдоа до растојание од една рака, што се вели. Знаете дека Бугарија ја искажа својата позиција: ние претензии кон името на Република Македонија немаме. Така сме ја признале. Ние имаме претензии кон обидите да се одземе дел од бугарската историја, да се фалсификува, да се преправа и да се прогонуваат луѓето со бугарска самосвест во Македонија.

Сега, дали ќе се кажува Вардарска Македонија, Северна Македонија или, како што најверојатно слушам, Илинденска Македонија, тоа нас не нè интересира“, изјави лидерот на софиското ВМРО за бугарската телевизија БТВ, пред да се фокусира на предлогот што, наводно, македонската страна го понудила, а бил прифатлив и за грчката.

„Илинденска Македонија мене ми звучи добро, зошто Илинденското востание од 1903 година, како што кажуваат сите тогашни светски медиуми и дипломати, е едно бугарско востание. Како што кажува тогашниот британски конзул во Солун: ‘Долго очекуваното бугарско востание започна’. Тоа востание било раководено од 48 офицери од бугарската армија, еден генерал, еден полковник, неколку потполковници, капетани, поручници, потпоручници.

Четириесет и осум офицери од бугарската армија ја напуштаат службата и заминуваат во Македонија и ја ослободуваат од турското ропство. Илјадници доброволци – ученици, студенти итн. Така што, Илинден е дел од нашата заедничка историја, на крајот на краиштата. Извинете, но земете ги од музеите знамињата од Илинденското востание. На знамето на охридските револуционери е една жена што го држи бугарското знаме.

Таму каде што е најактивно востанието, во костурскиот регион, знамето е бело-зелено-црвено. Востаниците што го објавуваат востанието ја пеат песната на Христо Ботев ‘Жив е тој, жив е таму на Балканот’. Меѓу другото, внукот на Хаџи Димитар загинува како војвода на чета во Македонија“, елаборира Каракачанов.

Тој не се плаши дека некој во Бугарија може да помисли оти со името „Илинденска Македонија“ се одзема дел од бугарската историја, бидејќи „нели рековме дека заедно ќе ја празнуваме заедничката историја, а Илинденското востание е дел од заедничката историја“.

„Важно е нешто друго, а тоа е тој вештачки спор да заврши, бидејќи тоа ја попречува нашата најблиска држава на Балканот и во светот, Македонија, на патот кон членството во ЕУ“, додава министерот.

Уште еднаш нагласувајќи дека за него не е важно дали Македонија ќе добие додавка „Северна“, „Источна“, „Западна“, „Вардарска“, „Илинденска“ итн., бугарскиот вицепремиер констатира дека „вистината е оти во Бугарија живеат повеќе луѓе со потекло од Македонија, околу два милиона, отколку населението во самата Македонија. Вистината е дека, историски, нашите две држави се поврзани како Грција и Кипар или како Србија и Црна Гора или како Романија и Молдавија“.

Каракачанов уверува дека во Бугарија нема македонско малцинство, „бидејќи македонската нација е една комунистичка творба на Коминтерната од 1932 година“.

На нафрлувањето на водителот на емисијата за „стравувањето на Македонците дека сега Бугарите ќе ги претопат, откако ќе отпаднат сите спорни моменти во историјата“, гостинот одговори дека „тоа беа стравувања од времето на Титова Југославија и до крајот на 1990-тите, кога во Македонија беше забрането да кажеш дека си Бугарин, да се читаат бугарски весници, да се внесуваат бугарски книги.

Луѓе одеа во затвор во Македонија поради внесување бугарска литература од Бугарија. Сега како ќе запрете еден млад човек да влезе на интернет, каде што има илјадници сајтови, не само бугарски, и да ги чита историјата и документите во оригинал? Читајќи ја таа историја за Илинденското востание, кога ќе се види писмото на Штабот на востанието со кое ја моли Бугарија да им даде помош на поробените браќа Бугари во Македонија, човек сам може да си изведе заклучок. Како ќе ги претопиме? Напротив, ние ќе ги интегрираме побрзо на тој начин кон Европска унија“.

Според него, 25 години во односите меѓу Бугарија и Македонија се мешале трети страни.

За одлуката на Светиот синод на Бугарска православна црква (БПЦ) да не учествува во заедничка прослава со МПЦ-ОА на илјадагодишнината од Охридска архиепископија, тој смета дека е резултат на надворешни фактори и на лични конфликти.

Извор: Експрес