Бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер на Бугарија, Красимир Каракачанов, вели дека премиерот на Македонија Зоран Заев, е Бугарин на кому „полека му работи умот“.
-Според стариот бугарски обичај, Бугаринот се вразумува следниот ден, па така е со мојот колега Заев, рече Каракачанов.
Така го оцени Каракачанов интервјуто на Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое Заев рече дека Бугарија и Македонија имаат заедничка историја. Каракачанов исто така рече дека заедничката историја за која зборува Заев е всушност бугарска историја до 1944 година.
Премиерот синоќа изјави дека тој е Македонец кој зборува на македонски јазик, признат од целиот свет, со што одговори на коментарот на бугарскиот министер за одбрана.
-Јас сум Македонец што зборува македонски јазик признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет“, напиша Заев на Фејсбук, реагирајќи на изјавата на Каракачанов во врска со интервјуто на Заев.
Сепак, Заев додаде дека етничката и идентитетската разлика не е единствената разлика меѓу нив, туку дека поважната и посериозната разлика е во начинот на кој тие гледаат на светот.
-Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи. Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки, напиша македонскиот премиер. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!, заклучи Заев на Фејсбук.