Иста цел, исто растојание. Вака на кратко може да се оцени второто, вечерашно соочување на лидерите на владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на Првиот канал на МРТВ. Според најавата на Заев, а на изненадување на Мицкоски по се изгледа ова беше и последно соочување, наспроти најавата за три, односно уште едно на ТВ 24, што требаше да биде посветено на економијата.
Ако се бара заеднички именител од двете соочувања, тогаш останува впечатокот стекнат од првото за дрско, безобразно, навредливо, но пред се бледо и несигурно издание на Зоран Заев, од една страна. И од друга, за стабилно, одлучно, аргументирано, сериозно, интелектуално ниво на комуникација и презентација на Христијан Мицкоски од друга.
Единствена разлика, што овојпат се обиде, само се обиде да ја направи Заев е во обраќањето не кон Мицкоски, туку кон публиката. Што, пак, го доведе во друга стапица. Одбивањето да го гледа во очи Мицкоски и погледот да го врти кон камерите е основен и главен знак дека во своето обраќање Заев и овојпат имаше сериозни проблеми со вистината, да не кажеме продолжување со мамењето и лажењето. Напорите на неговиот пи-ар тим да го подготви подобро за вториот настап и да му укаже на штетноста од нескриената нервоза, нападност и ситни пазарџиски шеш-беш финти очигледно не дадоа резултат. Напротив. Иако само навидум по смирен, Заев и сега се однесуваше како претходно на друго место да поминал цели два часа и седумнаесет минути, па и овојпат се служеше со кафеански финти. Но, и за тоа треба да се има стил, па затоа останаа без никаква тежина „пацките“ дека Мицкоски не знае ни „е“ од економија, дека му истекло времето и како „шеф“ на опозицијата, дека „не разбира“ ништо…
А, на ваквите „пацки“ само Мицкоски може и знае на проматар да му возврати елоквентно и смирено од чии одговори здоболува, здоболува и тоа до срце. Зашто, не е едноставно некој да слушне, па било да станува збор и за Зоран Заев дека по 15 јули ќе го гледаме на друго место.
Заев и вечерва не кажа ништо ново. Одново блескање, голи фрази и бројки без никаква суштина, што можат да се сведат на паролата „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни, а ние ќе царуваме со нивните пари преку нашиот/мојот криминал и корупција“. Ако може да се спомене некаква новина тоа е првпат изнесен став дека „ќе го потврдиме Гоце Делчев како Македонец“, што целосно го депласира и го става во функција на додоворување на гласачите, зашто тоа не го направи досега, иако имаше многу можности за тоа.
Од друга страна, кај Мицкоски немаше „шарање“ во погледот. Директен, сигурен, стабилен, буквално во секој миг од соочувањето знаеше кому, на кој начин и со какви факти и аргументи му се обраќа. И на водителот, и на публиката, и на опонентот.
Дури и во моменти кога на маса беа максимално сериозни обвинувања за тоа каде завршиле парите од случајот „Рекет“, забелешките за изборните спотови или реформите во правосудството, што според неговата најава треба да почнат со проверка на имотот, пред се, на политичарите, Мицкоски импонираше со сталоженост.
Можеби како куриозитет може да се одбележи крајот на соочувањето. Откако минатиот пат се излета со отворени навреди на семејството на Мицкоски, а овој возврати со искрени желби за добро здравје и пружена рака за помош во секој момент, Заев овојпат на својот опонент му подари три знаменца-државното, на НАТО и на ЕУ, како и примерок од програмата на неговата коалиција со негов потпис. Но, сето ова е бесполезно, зашто кога ќе го скрши бокалот, едноставно не може да го залепи. Срамот и бламот остануваат во сеќавање и паметење и не се покриваат, исто како и пцостите и гнасотиите по два часа и седимнаесет минути минати во кафеана.