Живееме во свет чии избрани лидери од една страна ги прогласуваат како итни климатските промени, а веднаш потоа одобруваат нови инвестиции преку кои се наштетува на животната средина.
Живееме во свет во кој владите ги пустошат шумите повеќе грижејќи се за својот политички рејтинг отколку за животите на 7,5 милијарди луѓе. Но, не можеме да кренеме раце, ние сме единствената надеж која ја имаме, вели Тијана Павлова, студент на Технолошко металуршкиот факултет од Скопје.
Тијана е дел од глобалното движење „Петоци за иднината“, од огранокот Скопје. Таа вели дека младите не може да ги изманипулира никој затоа што нештата стојат пред нив. Доволно е вели да си поставиш неколку прашања, а тоа е: Што се случуваше ова лето? Како дојдовме до над 40 степени целзиусови? Зошто септември беше најтоплиот месец досега измерен? Како во октомври е волку топло?
– Не треба да земе некој да ни кажува, само треба да излеземе надвор и да погледнеме. Живееме во најзагадениот град. Зошто во годината, во три летни и три зимски месеци властите препорачуваат да не излегуваме во топлите периоди во лето или во зима поради смогот? Тоа не е лажење, тоа е нешто со што не може да се манипулира, изјави Тијана во интервју за Лидер.
Движењето кое кај нас се појави ова лето, а глобално го покрена младата Швеѓанка, Грета Тунберг. На протестите кои ги одржаа во земјава побара од властите, по примерот на Германија, да признаат дека Македонија е во еколошка криза. Бараат воведување на климатската проблематика во формалното образование, план за намалување на употребата на автомобили, затворање на постоечките електрани на јаглен како и активирање на специјално национално тело за борба против климатските промени.
Целото интервју со „Петоци за иднината“ погледнете го во продолжение.