Македонија 19. септември 2018. / 09:48

Интервју со Д-р Јованка Кепеска: Преспа ги избриша малцинствата!

Интервју со Д-р Јованка Кепеска: Преспа ги избриша малцинствата!

Северномакедонци од Егеска Македонија?! Спогодбата ја прекинува врската на малцинствата со матичната земја. Ќе заврши ли долгодишната битка за признавање на 30-ти септември? Македонија имаше џокер во рака но не ја искористи грчката економска сотојба и пресудата од Хаг. Во интервју за порталот lider.mk,  проф. Д-р Јованка Кепеска зборува за судбината на македонското малцинство, ревизија на учениците и испитување на новата историја, и што ако Македонија го промени името и уставот а Грција не го ратификува Договорот.

Референдумот е пред нас. Кампањата е во полн ек. Ваш став зошто се потпиша овој договор и зошто се потпиша токму сега?

Актуелната власт амбициозно влезе во процес, да го надмине условот за прием во НАТО и за да отпочнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа беше нејзина иницијатива и потреба, промовирајќи го надминувањето на спорот со Грција, да се промовира како политичка гарнитура на меѓународен план. Во исто време кога поради геостратешките околности приемот на Македонија во НАТО можеше да биде извесен. За Грција течеа и за неа, пресудните рокови за добивање  на траншата на европската финансиска помош. Ваквата условеност на Грција со економската помош, но  и придобивките  на Привремената спогодба како и на Пресудата во Хаг, требаа да бидат предност во постигнувањето на Спогодбата. И да се избегнат ригидните грчки барања за севкупна употреба на променето име на нашата држава со промената на Уставот и обезбедување, во сите сфери на нашиот идентитет. Наместо тоа, постигната е спогодба со најнеповолни и ултимативно поставени решенија за нас, Македонците и за нашата држава. 

140 земји не признаа под уставно име, ќе се повлечат ли овие признавања со договорот ?

Спогодбата предвидува  севкупна примена на променетото име на нашата држава од што произлегува дека тоа ќе влезе во употреба и во нашите билатерални односи со другите земји. Освен со Турција која името Република Македонија го задржува во обраќањето кон нас. Турција, согласно со својот став за признавање на името Република Македонија, како име на нашата држава, а како членка на Алијансата, ја најави можноста да го искористи и ветото против нашиот прием во НАТО.

Договорот ќе донесе ревизија на учебниците, ќе се заборави ли егејската приказна?

Не се работи само за корекција на учебниците во врска со историјата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Нажалост комисијата за ревидирање на факти, што веќе е и формирана, се однесува, освен на историјата и на археологијата и на други сфери. А колку и да е намената за стручна расправа, останува фактот дека таа сепак  административна инстанца така и ќе пристапува. Ќе се менуваат содржини во изданија и се друго, со што се повредува правото на слободата на мислење, односно во научната сфера, познато како слобода на истражување и на соопштување на резултатите од истражувањата. Еден од основните принципи на Болоњската декларација на универзитетите која лежи во основата на реформата на европскиот универзитет. А како таква и во основата на нашиот универзитет. Под прашање ќе биде научниот пристап покрај во историјата, во македонистиката, арxеологијата, уметноста. А нема да бидат поштедени пошироко и општествените науки. Нешто што мора да се ознaчи како апсурд во времето на научната ера  на 21 век.

Што ако Грција не го ратификува договорот, а во Македонија помине и референдумот и уставните измени?

Во Спогодбата постои утврдување дека нема можност за промена на одредбите содржани во неа. Така, иако со Спогодбата се негирани научните факти за конституирањето на македонската нација и формирањето на македонската држава, за идентификацијата со името Македонија, за идентитетот на македонскиот народ и релациите со деловите во соседните држави,  како штетни последици кои се создаваат со нејзиното спроведување, ќе биде многу тешко да се надминат поставените одредби. Освен при промена на меѓународната констелација на односите кога, се разбира не е невозможно и тоа.  

Што е со малцинството македонско , бидејќи со уставните промени тоа се брише?       

Во Спогодбата прифатен е ставот дека националните малцинства остварувањето на националните права треба да ги остваруваат и да бараат нивна заштита во релација со меѓународни институции. Под плаштот на принципот на немешање во внатрешните работи во другите држави малцинствата во соседните земји од наша страна се препуштени сами да се изборат за својот идентитет и права обраќајќи се заштитата и пред меѓународните институции. Прекинувајќи ја на таков начин врската со матичната земја во секој поглед. Факт е дека напорите на македонските малцинства за своите права ќе бидат крајно отежнати кога и Грција и Бугарија не ги признаваат националните малцинства. А прашање е кога се менува името на матичната земја и како ќе бидат ословени  како македонски малцинства. Се применува еднаков пристап и во однос на иселените Македонци во другите земји. При променето име на матичната земја големо прашање е дали и тие ќе го задржат македонското име за националноста. Дотолку повеќе што, по инерција, а и под притисок, особено од Грците ќе навлезе името Северномакедонци.

Според важечката Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, во која постојат поинакви претпоставени решенија, сепак, релацијата на матичниот народ и малцинствата не се прекинува и претпоставена е грижата за нивниот развој. Оттаму и во оваа сфера Спогодбата ги дерогира меѓународните норми и го доведува под прашање постоењето на македонскиот народ.

Да не кажеме дека идентитетското прашање на македонскиот народ не е заштитено и во многу други сфери кои, покрај институционалниот идентитет се битни идентитетски одредби, какви што се топонимите, кратенките, трговските обележја. Затоа што, откога ќе се промени сé во северномакедонско и остане малку македонско, се вели само во динамичниот облик, што значи во активностите, иако недоволно јасно што е тоа, каков би бил понатамошниот развој на нашиот идентитет? Односно со оглед на новите услови Македонскиот народ врз каква основа би го продлабочувал својот идентитет. А  проблематизирана му е неговата историја и наука. Спогодбата не ги создава перспективите за развој на македонската нација. А идентитетот на народот е динамична категорија.  Оттаму,  Спогодбата е  невизионерска и крајно прагматска. Причини поради кои таа не може  да се брани колку и да е подредена на некои актуелни политички потреби.