Во неделното интервју на Економски Лидер, разговаравме со министерот за здравство др. Венко Филипче, кој ни говори за решенијата на најгорливите проблеми во нашето здравство.
разговараше: Љупчо ЗЛАТЕВ
др. Венко Филипче важи за еден од најдобрите неврохирурзи во земјата, од 25 декември 2017 го води едно од најважните министерства, Министерството за здравство. Во интервјуто за Лидер, министерот не сака да го класифицира неговиовиот претходник Никола Тодоров како „министер за смрт“, затоа што – како што вели – не е човек кој дава квалификации за други луѓе иако министерството го наследил со бројни проблеми.
Минатата година, нашиот медиум го отвори случајот со централизирана набавка на реагенси во сите болници во земјата, кој предизвика бура и на крајот резултираше со поништување на тендерот.
Сега, ексклузивно за Лидер, Филипче најавува дека ќе се спроведе централизирана набавка, не само на реагенси туку и на други скапи лекови и материјали. Според него, тоа значи максимална контрола и увид на количините кои се на располагање, резервите, потрошувачката, а секако и најниска набавна цена.
Како доктор, неврохирург, застанавте на чело на министерството за кое многу добро сте поткован. Ги знаете работите одвнатре, изворно каде лежат проблемите и од каде треба да се почне долгоочекуваната реформа во здравствениот систем. Но, се чини дека вашето практично знаење заглави во административните кулоари. Што промени Венко Филипче во здравството изминатата година и дали нешто навистина се разликува од тоа пред Вие да станете министер?
Наследив министерство каде има наталожено бројни проблеми, системски недостатоци. Здравството е сегмент кој треба континуирано да се надградува. Наша обврска е да воспоставиме одржлив систем што ќе биде вистински сервис за граѓаните, премалку е вложувано, а биле поставувани цели кои се тешко остварливи. Во таква констелација неуспехот е неминовен. Како доктор сум човек што сака прецизност во работата, таков сум и како министер. Ова е министерство каде грешките се речиси недозволиви, а сега сме во период каде детектираме каде има грешки и ги поправаме и во меѓувреме се обидуваме да направиме позитивни чекори напред на повеќе полиња. Пациентите мора да имаат врвна нега и тоа ќе се добие со изградбата на новиот Клинички центар.
СДСМ, партијата од која што сте министер, вашиот претходник Никола Тодоров го нарекуваше „Министер за смрт“. Ја делите ли оваа квалификација за него и неговите политики во здравството?
Не сум човек што дава квалификации за други луѓе. Сакам да ги ценам и оценувам луѓето според сработеното. Од она што го наследив тука во министерството може да кажам дека има многу проблеми и предизвици за кои треба време да се средат. Овде има системски проблем, а таквите проблеми мора да се решаваат чекор по чекор. Тоа и го правиме. Знам дека има незадоволство понекогаш, но се обидуваме да се справиме со сите проблеми кои не се решавале, туку буквално се ставале на страна.
Вие своевремено бевте советник на Тодоров, сметате ли дека споделувате одговорност за очигледно лошите политики за време на неговиот мандат?
Соработката беше во сферата на неврохирургијата и горд сум на тоа што го постигнав во струката што беше мерливо со достигнувањето во развиените европски земји и во ниту еден друг неврохируршки центар во регионот.
Проблемите со преполни чекални, нефукнционалност на Мој термин, немање термини, чекање за снимање по неколку месеци остануваат. На кој начин ќе ја прмените сликата со нервозната чекалница на дузина пациенти?
Ќе се менува сликата. Првиот чекор е воведување на нови упати. Министерството за здравство и Управата за електронско здравство воведoa новини во националниот систем МојTермин, со цел подобрување на здравствената евиденција и поедноставување на работата на здравствените работници, но пред се заради оптимизација на процесот на упатување на пациентите и побрзо добивање на услугата која им е потребна на пациентите.
Најзначајната новина која се воведe се два нови упати, од кои првиот тип е „Итен 24“, кој ќе се издава доколку лекарот кој врши преглед утврди дека пациентот заради неговата состојба (животозагрозувачка/итна состојба) е неопходно да биде прегледан од специјалист, односно супспецијалист или да му биде извршена одредена дијагностичка процедура во рок од 24 часа.
Вториот тип на упат се нарекува „Упат без термин“ и се користи во случај кога пациентот има потреба од преглед, поврзан со остварување одредено право и прегледот треба да се изврши во следните 7 дена. Овој тип на упат ќе се користи доколку во установата каде што се упатува пациентот не постои слободен термин во следните 7 дена за т.н. регуларен преглед.
И не само тоа, ќе направиме ред во овој неред, затоа што никој не смее да чека за итна услуга.
Одливот на кадар е круцијалниот проблем кој го има државата. И покрај зголемувањето на платите, медицинскиот кадар си оди од земјава. Кој ќе ги лекува пациентите во Македонија?
Докторите кои остануваат во Македонија и за кои се бориме да имаат достојни услови за работа. Во 2018 година се реализираа огромен број на вработувања во јавното здравство. Со измената на Законот за здравствена заштита, од оваа година за првпат во нашата земја, секој млад лекар ќе добие шанса да се ангажира во системот на јавно здравство. Секој лекар којшто ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на Здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега. Оваа мерка за првпат се воведува во Република Северна Македонија и во ниту една друга соседна држава. Интегрираните услуги за нега на Министерството за здравство добија позитивна оценка од Светската здравствена организација и опишани се дека го поттикнуваат унапредувањето на здравјето.
Со стекнување на искуство, со добивање шанса за работа ќе добијат дополнителен стимул за професионална надградба во својата кариера. Значајно ги зголемивме платите на сите здравствени работници, докторите, медицинските сестри и останатиот немедицински персонал. Со зголемување на платите продолжуваме и оваа година. Минатата година за првпат обезбедивме средства за вложениот труд на приватните специјализанти. Со сите овие мерки, искрено веруваме дека ќе ги задржиме младите лекари и медицински сестри да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата. Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе.
Инфраструктурната слика во здравствените домови е на раб на хорор филм. Дали државата планира да инвестира во овој дел и колку Вие како министер се заложувате средства да се предвидуваат за оваа намена?
Идентификувани се институциите каде што мора да се вложи, а во однос на Клиниките каде што е најпотребно и критично, поради тоа што сме фокусирани на изградбата на новиот Клинички центар. По изборите ќе се среди и сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар со монтажни гаражи. За една година интервениравме во неколку Клиники. Реновирани се интензивната нега на Клиниката за Неврохирургија, Клиниките за Хематологија, Дигестивна хирургија, Итната медицинска помош во Здравствениот Дом во Велес. Правиме сѐ да ги подобриме условите и да го вратиме достоинството на здравствените работници.
Се избра локацијата за нов клинички. Кога очекувате новиот медицсински комплекс да ги прими првите пациенти?
Новиот Клинички центар ќе биде во скопската општина Ѓорче Петров. Станува збор за изградба за најсовремен центар со врвна медицинска технологија што ќе овозможи брза услуга, интегриран медицински систем, електронска поврзаност на одделите, што од друга страна значи многу подобра услуга за граѓаните и одлични услови за работа на медицинскиот кадар.
Со преместување на комплексот добиваме многу, пред се воведување квалитетна нега во здравството и систем на осигурување на квалитет, групирање на сите постоечки служби во една зграда со интегриран капацитет којшто ќе понуди соодветна циркулација, функционална поврзаност и ќе може да постигне континуитет во овозможување здравствени услуги.
Најдовме локација која е лесно пристапна, има транспортна погодност на мрежата на јавен превоз и патните инфраструктури се развиени или да се во фаза на развивање а со тоа да е лесно достапна за корисниците со што се надминуваат дел од горенаведените недостатоци за функционирање на еден модерен клинички центар. Земјиштето се наоѓа во незагадена околина, не ги нарушува потенцијалните програми за зачувување на животната средина а неговата околина до сега не е користена за изградба.
Слободно може да кажам дека со новиот клинички центар ќе се отвори ново поглавје во нашето здравство.
Дадовте налог до градинките да забранат посета на деца кои не се вакцинирани од МРП. Со тоа направивте поделба на вакцинирани и невакцинирани деца од морбили. Сметате ли дека оваа ваша политика во делот на морбилите ќе донесе ефект или само уште повеќе ќе направи раздор во општеството?
Никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак некој со своја волја има право да го загрозува правото детето да биде здраво. Епидемијата е резултат на падот на колективниот имунитет. Доколку не прогласевме епидемија во тој момент мислам дека сега државата ќе беше парализирана од огромен број на заболени лица. Родителите ги почитуваат препораките на Министерството за здравство и голем е одѕивот за вакцинација. Приближно 12,000 илјади деца се вакцинирани од 16,000 невакцинирани деца во градот Скопје.
Се обидовте да направите централизација на набавките на реагенси за лабораториите за испитување на крв. На крај, тој проект се чини пропадна и во јавноста заврши како своевиден скандал поради фирмата која единствено аплицираше на тендерот. Најавите дека повторно ќе се обидете да ја направите реформата. Може ли да очекуваме повторно распишување на тендер за централизирана набавка на реагенси?
Тоа ќе се спроведе како проект, не само на реагенси туку и на други скапи лекови и материјали. А тоа значи максимална контрола и увид на количините кои се на располагање, резервите, потрошувачката, а секако и најниска набавна цена. Не сакаме да бидеме заложници на нечии интереси во овој домен и мора да има контрола, бидејќи во моментов постои реална можност за злоупотреба на системот. Кога е централизиран системот, злоупотребите се невозможни, а квалитетот е загарантиран.
Како доктор важите за еден од најдобрите неврохирурзи во земјава, човек кој спасил илјадници животи. Зажаливте ли што влеговте во политика?
Напротив, се пронајдов себе си. Сакам да направам позитивни промени во здравствениот систем, и во нашето општество, а тоа не се прави преку ноќ. Но, како што сум упорен во секојдневниот живот, упорен ќе бидам да истерам вистински позитивни промени во здравството.