Поранешниот министер за внатрешни работи, долгогодишниот коалиционен партнер на поранешниот премиер Никола Груевски, сега поддржувач на Владата на Зоран Заев, Павле Трајанов за Лидер зборува за актуелната политичка состојба.
Смета дека болката за промената на името е голема, но вели тој договор ги отвори вратите кон НАТО и ЕУ. Законот за јазици не е услов за евроинтеграција, јазикот е средство за разбирање, а не на промоција на триумфализам и национализам. Македонија е безбедна земја, но со висок степен на тешки облици на криминал, вели Трајанов кој бара политичка одговорност за бегството на Груевски. Во интервјуто говори за недостатоците на сегашното функционирање на Владата. Сепак лидерот на Демократски сојуз заклучува, Приемот на Мекедонија во НАТО е историски исчекор.
По долги години коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, останавте повторно во власта како поддржувач на владата на Заев, а во моментов сте национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија. Како е можно да бидете поддржувач и на левичарското и десничарското движење? Или пак политиката е само гола борба за власт?
Демократскиот сојуз е препознатлива политичка партија по своите принципиелни ставови и секогаш предност дава на националните и стратешки интереси на државата и граѓаните. Во дејствувањето никогаш не сме поаѓале од партиски и лични интереси. Покренавме бројни прашања, подотвивме многу проекти ( Дирекни –он-лине училиште, сексуално образование на учениците, враќањето на позорната служба итн), имавме јасна определба за евроатлантските процеси, борбата против криминалот, владеењето на правото, создавање услови за запирање на младите и слично.
Демократскиот сојуз е партија со своја програма и при соработка со другите партии, инсистираме на реализација на приоритетите битни за развој на државата.
Соработката се одвива на одредени принципи, тогаш кога ќе настанат големи разидинувања, ДС ќе продолжи по сопствениот пат.
Подолго време (од 2014 година) сме определени за промени и правда. Тие промени се во тек, постои надеж дека остварувањето на тие определби ќе придонесат кон поголема стабилност, демократски и економски развој.
За речиси две години владеење Заев успеа да го промени името, а со тоа да ја надмине пречката за влез во ЕУ и НАТО. Требаше ли и дали можеше ова да се случи и години наназад, кога видовме дека процесот на уставни измени помина без облигаторен референдум и политички пазар во Законодавниот Дом?
Наметнатиот спор од Грција во врска со нашето Уставно име, долги години ја блокираше Македонија. Имаше предлози и за подобри решенија, но недостасуваше лидерство, политичка храброст и прфаќање на одговорност. Така во 1999 година, Теодорос Пангалос, предлагаше референцата ПЈРМ да ја замениме со Република Македонија (Скопје) само за меѓународна соработка. Таа шанса, како и многу други се прокоцкаа. Времето работеше против нас.
Предлагавме консултативен референдум пред потпишување на договорот, бевме против референдум за промена на името и јавно баравме овој спор да се разреши во Парламентот.
Бевме свесни дека граѓаните не се поготвени за промена на името, тоа е болно прашање, врзано за нашето национално чувство и припадност.
Преспанскиот Договор граѓаниет го прифаќаат со горчина, но свесни се за тоа дека овој договор ги отвори вратите за членство во НАТО и ЕУ. Граѓаните се револтирани но и воздржани, знаејќи дека се отвараат перспективи за внатрешна кохезија, стабилност, безбедност и демократски развој. Членството во НАТО е историски чин за Македонија и огромен исчекор кон европските вредности и стандарди.
Законот за јазици или како што функционерите од ДУИ го нарекуваат Законот за употреба на албанскиот јазик на големо се спроведува. Ваш став, зошто токму сега се донесе овој закон и има ли удел во овој потег меѓународната заедница?
Прашањето за употреба на албанскиот јазик на идентичен начин го третираат и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, тука не гледам големи разлики освен во имплементацијата. Во законот има решенија кои се оспоруваат и за нив се очекува да се произнесе Венецијанската комисија и Уставниот суд.
Практичната примена можно е да исфрли одредени проблеми кои сигурно ќе бидат предмет на стручна и парламентарна анализа и рсаправа. Јазикот е средство за разбирање а не на промоција на триумфализам и национализам, за печалење на дневно политички поени.
Меѓународната заедница (Тимоние, Хан и други) говореа дека Законот за јазици не е услов за евроинтеграција.
Како поранешен министер за внатрешни работи и долгогодишен аналитичар на состојбите во безбедносниот сектор и борбата против организираниот криминал и корупцијата, како го коментирате бегството на Груевски? Каде затаи МВР? И по 4 месеци јавноста е без одговор, кој му дозволи на експремиерот ,,едноставно” да ја напушти земјава?
Македонија е безбедна земја, но со висок степен на тешки облици на криминал. Полека но сигурно, криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое мораме да се справиме.
Криминалот ни ја поткопува и ,,голата,, државата. Потребна е робусна и ефикасна борба против криминалот, при што главниот удар треба подеднакво да го чуствуваат и актуелните и поранешни носители на функции.
Потребни се реформи во системот на безбедност, обвинителството и судството и целосна нивна деполитизација и департизација.
Бегството на Груевски е резултат на лошата системска оставеност и некоординираност на судот, обвинителството и МВР. Околу бегството мора да се разјаснат сите аспекти и да се понесе одговорност.
Што работи Павле Трајанов како национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија?
Главна обврска на Националниот Координатор е да ја следи и анализира системската посатвеност на системот за управување со кризи. Тоа е сложен и копмелксен систем каде работиме на коренити реформи, се со цел овој систем да биде функционален и ефикасен. Определба е процесот на реформи да биде многу потранспарентен и во реформите да се вклучи и науката, невладиниот сектор и да се користат меѓународни искуства.
Од скрининг мисијата на ЕУ очекуваме сугестии за реформи на овој систем и негово надоградување.
Што би смениле во начинот на кој премиерот ја води државата? Дали во целост се согласувате со политиките на СДСМ и ДУИ?
Владата водеше офанзивна дипломатска политика и таа вроди со разрешување на отворени прашања со соседите. Почнати се реформи, но тие не се одвиваат со посакуваната динамика. Треба поголема и подобра организираност на власта и приоритет да се даде на економскиот развој и владеење на правото. Мора да се јакне одговорноста и да се даде шанса на способните и партски неопределните кадри.
СДСМ сеуште без конечна одлука дали треба да има предвремени парламентари избори. Дали СДСМ тактизира и се плаши да не ги изгуби и досегашните пратеници или мора да ја заврши мисијата членство во НАТО и ЕУ без избори кои би го пролонгирале процесот?
Треба да се направи се за да имаме фер и демократски претседателски избори. Парламентарните избори се борна на ,, се или ништо,, и сиздаваат нестабилност. Ќе има застој во реформите а и капиталот бега од нестабилни држави. На Демократскиот сојуз му одговараат предвремни парламентарни избори, но тоа не е приоритет за Макеонија. Потребни се реформи во правосудството, безбедносните служби и администрацијата, како и справување со високиот степен на криминализација на државата. Тоа се суштински и круцијални обврски и услови за да почнат пристапните преговори за влез во Европската Унија.
Доколку сепак се одлучни да се оди на предвремени парламентарни, ДС е подготвен.
Дали Демокатскиот сојуз ќе излезе со свој кандидат за Претседател? Каква личност според Вас треба да ја води државата?
Во Демократскиот сојуз тече расрава за тоа дали да предложиме кандидат за претседател, набрзо ќе има одлука за тоа.
Претседателот треба да биде чесен и со силен сопствен и интегритет и авторитет. Неговите ставови треба да поттикнуваат на позитивни движења и промени, на праведност и еднаквост пред законите.
Претседателот треба да го слуша гласот на народот и постојано да реагира.