Македонија 16. јули 2019. / 09:52

Интервју на „Лидер“ со Орце Ѓорѓиевски: СДСМ ги тргна професионалците на страна на сметка на партиските шерифи!

Интервју на „Лидер“ со Орце Ѓорѓиевски: СДСМ ги тргна професионалците на страна на сметка на партиските шерифи!

За безбедносните реформи и предизвици, за извештајот на ГРЕКО, но и за ветингот во Министерството за внатрешни раобти, зборува Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Економски Лидер“.

МВР е институција која целосно е поклопена со личните и партиските интереси на СДСМ, смета Ѓорѓиевски, па затоа извештајот на ГРЕКО ја нотира оваа институција како најкорумпирана. Ситуациајта би се решила со оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како дел од оставката на целата влада.

Ѓорѓиевски констатира дека срамота е во 21 век ад се прикриваат криминалите, како случајот со Курто Дудуш, па вели дека кога ќе се воспостави владеење на правото ќе бидат извадени на виделина и ќе се процесуираат.

Македонија има капацитет да се справи со предизвиците како илегална миграција, но потрбна е промена на корумпираните раководни структури, потенцира Ѓорѓиевски.

Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го зајакнем капацитетот на МВР и кадровски и технички, а да се справи соодветно со кибер криминалот.

Полицијата е една од најкорумпираните инситуции согласно овогодинешниот извештај на телото за борба против корупцијата на Советот на Еворпа, ГРЕКО. Како најподложни на корупција нотирани се сообраќајната полиција, граничната полиција, организационите единици одговорни за сузбивање на криминалот и корупцијата и јавните набавки. Кои чекори според Вас треба да се преземат за ситуацијата да се подобри?

Оставка! Кратко и јасно потребна е оставка на Спасовски, како дел од оставката на целата влада. Недозволиво е институцијата која е задолжена за борба против криминалот и корупцијата да биде дувло на истото. Во МВР има професионалци и тие се луѓето кои ја држат институцијата, потребна е смена на раководните кадри, кои најчесто се партиски шерифи и кои го имаат личниот и партискиот, пред државниот интерес. Токму затоа имате криминал, корупција и разни нелегални активности, службата се гледа како пократок пат за лично богатење. Затоа кадровски промени мора да има, особено во раководните структури.

Политизацијата во МВР е уште една етикета која ГРЕКО ја става на нашата држава. Вие неколку пати, на прес-конференции, обвинувате дека министерот Оливер Спасовски го претвори овој ресор во партиски огранок на СДСМ. Колку ова негативно се одразува врз министерството како иституција и дали директно влијае врз безбедноста на нашите граѓани?

Како што кажав и погоре, МВР е институција која целосно е поклопена со личните и партиските интереси на СДСМ. Ја исполитизираа полицијата, професионалците ги тргнаа на страна за сметка на партиските шерифи на СДСМ, кои преку ноќ напредуваат и по неколку скалила, спротивно на сите нормативи. Нема конкурс кој првин не се разгледува во општинските организации на СДСМ. Уште служи за подбив меѓу полицајците решението Стојанче Ангелов и неговата сопруга да ги сместат во една канцеларија, па кога срамот веќе не можеше да го покриваат решија на коалицискиот партнер да му најдат друго место.

Се служат со закани, со уцени и со притисоци кон сите кои не им се влезени во политичко-криминалните шеми. Професионалци со децениско искуство се деградираат, се принудуваат да бараат преместување на пониски позиции или се префрлаат на работа на места кои се надвор од нивното место на живеење. Затоа има илјадници тужби против МВР, а штетата која ќе треба да се исплати е огромна. Уште поважно е што сето тоа создава фрустрација, нервоза и непријатна ситуција за работа и има огромно влијание врз оперативноста на службата. Едноставно е. Политиката треба да ги тргне рацете од МВР, во службата може и смее да се напредува исклучиво врз основа на воспоставени норми.

Кога станува збор за функционери од власта, полицијата не реагира. За случајот со градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курту Дудуш, жртвата го пријавила насилството во МВР, но оваа „пријава“ подоцна беше заведена како „поплака“. Одговорност за заташкувањето сеуште нема. Како го коментирате молкот од надлежните институции?

Срам за правната држава. Ова е најточниот одговор што може да се даде. Зошто? Затоа што со оваа власт законите се само на хартија. Но да не заборавиме не сме 15 или 16 век, сега сме 21 век и се се памети, се е регистрирано, криминалите кои сега ќе ги прикријат, ќе бидат извадени на виделина и ќе се процесуираат кога ќе се воспостави владеење на правото. Во оваа држава мора да завладее законот, и тој мора да биде еднаков за сите. Одговорност ќе има како за извршителите, така и за помагачите и прикривачите.

Оваа Влада направи реформи во безбедносниот сектор. Со цел да се оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации на граѓаните од страна на овластените органи за следење на комуникациите или операторите, формирана е Оперативно-техничка агенција. Како ја коментирате оваа реформа на власта и кој е махнизмот кој ќе ја контролира заштитата на граѓаните, од злоупотреба на надлежностите на ОТА?

ОТА е формирана и со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието како дел од реформите кои произлегуваа од извештајот на Прибе. Идејата е добра и треба во иднина да спречи каква било можност за незаконско следење на комуникациите, поголема контрола и поголема сигурност за граѓаните од една страна, а од друга страна да овозможи службите и органите на прогонот на едно место, согласно закон, да ги добиваат оперативните сознанија кои им се неопходни.

Живееме во динамично време и на службите им се неопходни брзи, точни и навремени информации за да документираат или пресретнат некоја закана или кривично дело. Овој закон треба да го понуди тоа. Баланс меѓу заштитата на човековите права и приватноста и ефикасно и навремено доаѓање до неопходните информации на службите. Ќе треба време за да видиме како законот ќе се ефектуира во пракса, но повторно ќе кажам дека ризикот од злоупотреби повеќе се крие во карактерот и намерите на власта.

За жал оваа гарнитура е целосно корумпирана. Дали ќе одлучат да посегнат и по овластувањата на ОТА ќе видиме. На хартија има многу механизми за заштита , но разочарува тоа што го гледаме. Еве на пример Јавното обвинителство година дена после обелоденувањето на скандалот, уште не знае кој ги прислушувал, зошто, дали некаде се споделени разговорите и дали меѓу нив има инкриминирачки разговори за некои обвинители? Како може да бидеме сигурни дека со тие разговори не е уценуван некој обвинител да покрене предмет против некој член на опозицијата или да отфрли пријава против Заев или некој владин функционер ? Кога ЈО за себе не може да ја заврши истрагата, јасно е колкави се капацитетите на власта и волјата да работи согласно закон и да се бори против криминалот. Гледате што се случува со таканаречените бомби на Ел Чека. Човекот пушта разговори, а никого не го интересира од каде му се, ниту презема мерки да ги истражи. Загрижува фактот што Заев ја претвори државата во циркуз, но тоа ќе се смени само откако ќе биде поразен.

Новата Агенција за национална безбедност, практично стави клуч на УБК. Кој се вашите очекувања од ова решение? Колку оваа реформа ќе го подобри безбедносно-разузнавачкиот систем во Македонија?

Формирањето на Националната агенција за безбедност има и добри и лоши страни. Од една страна се децентрализира моќта од МВР, но од друга страна Премиерот добива уште еден исклучително силен инструмент. Доколку тоа било целта на реформата на Заев, тогаш е прашање на време кога ќе се соочиме со проблеми. Видовме дека човекот сака да биде и Премиер и Министер за финансии, а сега под него ќе биде и безбедноста и контреаразузнавањето. Доаѓањето на власт на СДСМ значеше отварање на многу обработки по плаштот на десен ектремизам каде што УБК следеше и прогонуваше многу неистомисленици. Бевме сведоци на фабрикувани службени белешки, измислени информации за навивачи и претреси по домови во кои што не се наоѓаше ништо. Накусо, за кус период целосно ги урнаа капацитетите на УБК што резултираше со невиден хаос. Заев зборуваше за влијание на руски служби и бизнисмени, а Пендаровски јавно се жалеше дека го следеле. Дали претходно некој од УБК им давал погрешни информации или пак целосно е потфрлено со расчистувањето тешко дека ќе дознаеме, бидејќи тактиката е еден скандал да се покрива со друг.

Тоа што не загрижува во моментов е начинот на кој што ќе се врши селекција од постоечките кадри во УБК. Доколку луѓе како Јовче Ременски треба да изготвуваат службени белешки со препораки кој треба да влезе во новата Национална агенција, тогаш тој процес е згрешен уште од самиот почеток, а целиот проект е осуден на пропаст. Па, Јовче Ременски не сака и не смее да истражи која е Фрики од рекетарските приказни што се објавуваат во медиумите.

Спасовски, уште на почетокот на годината најави ветинг во МВР и формирање на комисии на три нивоа, а ќе се анализираат три аспекти на вработените – професионалното досие, имотната состојба и интегритетот. Дали ова според Вас е реално справување со непрофесиоланите кадри во МВР или станува збор за т.н. чистка со неистомислениците?

Доколку ја земеме во предвид досегашната пракса со СДСМ можам со сигурност да кажам дека станува збор за дефокусирање на јавноста од реалната неспособност на раководните структури во МВР. Да не се зборува за криминалот, корупцијата, убиствата, грабежите итн… кои ни се случуваат секој ден, туку да се збори за некаков процес, кој ќе биде лов на вештерки. Ние сме први за процес на испитување на потеклото на имот, но тоа треба да се знае, според кои критериуми, кој ќе го испитува и како ќе се испитува.
Овде не смее да има импровизации или кршење на законите. Веќе се зборува дека ова треба да биде последниот обид на Спасовски и Заев за пресметка со професионалците. Затоа се зема сомнителен урнек од Албанија и никој не знае како ќе функционира. Шпекулациите се дека Спасовски, Нухиу, Тасевски, Несторовска и останатите избрани и именувани функционери нема да бидат опфатени со процесот. Претпоставуваме дека нема да бидат опфатени или ќе бидат испрани и советниците на Спасовски чии родители во Куманово не можат да постигнат со активностите за ширење на семејните бизниси. Затоа од друга страна се зборува дека за обичните полициски службеници ќе се составуваат службени белешки, а знаеме како тоа функционира со СДСМ на власт.

Спорниот Закон за јазици веќе некои функционери јавно го применуваат. Сметате ли дека двојазичноста ќе создаде проблем при спроведувањето на полициски акции?

Ние уште при самото носење на законот ги посочивме неговите недостатоци. Оставаме сега на времето да потврди, а граѓаните сами да воочат што всушност добивме, а што изгубивме. Кога станува збор за криминал или некаков ризик по безбедноста, подеднакво се жртви и македонците и албанците. Важно е да се делува брзо и ефикасно. За жал гледаме дека тоа не е приоритет на СДСМ. Приоритет на СДСМ е собирањето политички поени. Затоа никој не е уапсен ниту за убиството на Мартин Јанушев, ниту за двојното убиство на Рузвелтова.

По мигрантската криза соработката со нашите соседи се зајакна. Од 2015 до денес нашата јужна гранца се обезбедува од македонските полицајци заедно со полицајци од неколку држави преку билатерални договори. Силниот мигрантскиот бран, се чини, дека добро го издржавме, но некои европски држави најавуваат засилени контроли, па дури и изградба на физички препреки. Колку ние сме подготвени и што треба дополнително да преземеме за да се заштитиме од илегалната миграција?

Илегалната миграција е глобален проблем и само со глобален пристап може да се дојде до некое среднорочно или долгорочно решение. Република Македонија има професионалци во МВР кои можат да се носат со секој предизвик. Единствено е потребна промена на корумпираните раководни структури. Нашата држава го спречи мигрантскиот бран и во голема мера и помогна на Европа да не се соочи со наплив кој немаше да може да се менаџира. Доколку повторно дојдеме во иста ситуација, со оваа власт незнам колку би било тоа возможно, бидејќи нема инвестиции ниту во опрема, ниту во персоналот. Да не беа хелихоптерите набавени за полицијата во време на ВМРО или теренските возила, прашање е како сега ќе изгледаа капацитетите на МВР. Според мене, најважни се сопствените капацитети, подготвеноста, законската регулатива, но и соработката со соседите и пошироко. Само на таков начин, со сериозен и широк пристап Македонија ќе биде сигурна дека нема да се соочи со криза која не би можела да ја надмине.

Миграцијата е само дел. Колку, според Вас, полицијата под раковдство на Спасовски е способна да одговори на предзвиците како тероризмот, транснационалниот крминал, органзираниот криминал и корупцијата?

Воопшто не е способна. Спасовски како министер нема ниту една успешна акција зад себе. На вашето прашање ќе одговорам со прашање, а граѓаните на тоа го имаат одговорот. Колку килограми дрога е запленета во последните три години, колку убијци се фатени, колку разбојништва и грабежи расветлени? Ниту едно. Тоа е одговорот. Дали се сеќавате каков беше исходот од „огромната“ акција која што ја реализираше Спасовски во Арачиново и Липковскиот регион за пронаоѓање на терористи ? Ниту еден уапсен ! Ниту еден ! мобилизираше стотици полицајци, креваше хелихоптери, ангажираше хермелини и направи трошок од стотици илјади евра, а не приведе никого. Ги вознемири жителите, па на крај кажа дека се зафркавал и дека барал мигранти. Тоа е СДСМ. Тоа е Оливер Спасовски. Која организирана криминална група е разбиена ? Никоја. Дрога има по улиците на Скопје и другите градови повеќе од кога било. Попристапна е до младите. Тоа се резултатите на Спасовски. Како да очекувате борба против нелегалната трговија со наркотици кога пратеник на СДСМ од такси си нарачуваше „добро да му спремеле половинка“?

Кибер криминалот веќе започнува да ги „тресе“ државите. Не е реткост да се случи кибер напад на таргет-мрежа. Колку повеќе се користи технологија, толку повеќе расте потребата од специјалисти од областа на кибер безбедноста. Што Вие, како ВМРО-ДПМНЕ, ќе преземете конкретно за заштита од овој тип на криминал?

Доколку има волја и знаење, тогаш ниту една цел не е неостварлива. Доколку инвестираа во капацитетите на државата, наместо во своите џебови, сега ќе бевме во поинаква позиција. Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе го зајакнеме капацитетот на МВР и кадровски и технички. Имаме контакти со пријателски служби со кои можеме да соработуваме и да црпиме добри искуства во областа. Нашите стручни лица не заостануваат за професионалците во регионот и во Европа, но им треба мотивација, поткрепа, редовни обуки и опрема со кои што нивните знаења и квалитети ќе дојдат до израз.