Македонија 25. ноември 2019. / 16:51

Интервју на „Лидер“ со Иванчо Тошевски: Непотизмот е единствениот „проект“ кој е со висок степен на реализација во Општина Битола

Интервју на „Лидер“ со Иванчо Тошевски: Непотизмот е единствениот „проект“ кој е со висок степен на реализација во Општина Битола

За економската состојба, загадувањето и што се случува со Општина Битола откако Наташа Петровска од СДСМ стана градоначалник на Битола, зборува Иванчо Тошевски советник во Советот на Општина Битола и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Економски Лидер“.

Гасификацијата на Битола беше еден од клучните проекти кои ги ветуваше Петровска во предизборието, до каде е реализацијата на овој проект?

Клучниот проект т.е. најголемата лага на СДСМ и Петровска во предизборната кампања беше гасификација на Битола и решавање на проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух со сет на долгорочни мерки за суштинско решавање на истиот. Со нивните големи лаги преточени во предизборна програма под слоганот на Петровска „Со љубов за Битола“ најавија и поголем број на други проекти: Пелистер европска туристичка дестинација, мултифункционален спортски комплекс, решавање на сообрајќајниот хаос, нови патишта и улици, велосипедски патеки, осовременување на влезните патни правци од Прилеп и Охрид, реконструкција на објектите на урбаните заедници, нови училишта, градинки и спортски терени, еколошки јавен превоз, нова зграда на противпожарната единица, изградба на нов сточен пазар, изградба на планинарскиот дом Копанки, нови зелени површини и многу други проекти.

Сите овие наброени проекти после две години локална власт се со нула проценти на реализација. Гасификацијата и понатаму стои како дел од развојните програми на Општина Битола, но како што одминува времето јасно му е на власта и на граѓаните дека во преостанатите две години власт на Петровска гасот нема да е достапен како енергенс за греење на домаќинствата. Денес имаме неспособен градоначалник, парализирана локална самоуправа и парализирани јавни претпријатија кои не се во можност да одговорат на обврските кои произлегуваат од секојдневното функционирање, а за развој на Општина Битола и реализирање на ветувањата од предизборието никој не размислува.

Како живеат младите во Битола, реализираше ли градоначалничката проекти од значење за нив?

Ветувањата или лагите за „живот“ кај младите најмногу се однесуваа во делот на развојот на спортот, нови спортски терени и мултифункционален спортски комплекс, сериозни инфраструктурни зафати во училиштата и нови странски инвестиции каде младите ќе добијат достоинствена работа и ќе останат да живеат тука во Битола. Од сето ова досега не само што ништо не е реализирано туку Петровска креираше и нов проблем во делот на бесплатниот превоз на учениците и се уште дел од учениците се без законски загарантираното право на бесплатен училишен превоз.

Името на Петровска неретко во медиумите се споменуваше поврзувајќи ја со случаи на непотизам има ли вистина во овие наводи?

Непотизмот е единствениот „проект“ кој е со висок степен на реализација во Општина Битола и тој е препознатлив белег на власта предводена од СДСМ и Петровска. Овој „проект“ го најави и отпочна Петровска со вработувањето на нејзиниот брат. Локалните партиски функционери, носителите на јавни извршни и политички функции од СДСМ и ЛДП преку вработувањето на своите најблиски роднини и пријатели дополнително се погрижија за успешно спроведување на овој „проект“ финансиран со пари на граѓаните.

Тимот на власта во Битола е само составен дел од криминално-рекетарската банда на Зоран Заев и сите знаеме дека во аферата рекет се спомнуваат имина на битолски стопанственици и високи функционери на СДСМ од Битола. За расветлување на сите овие случаи потребна е промена на власта и сериозни реформи кои ќе обезбедат функционален правосуден систем и независно судство во Македонија.

Битола редовно се наоѓа на листа на најзагадени градови во Европа, прави ли нешто Петровска за решавање на овој проблем?

Во Битола скоро и да не постои семејство во кое нема здравствен проблем кој е предизвикан од загадувањето на животната средина. Битола е класичен пример за тоа како политички партии како што се СДСМ и ЛДП може политички да профитираат со злоупотреба на трагедијата на илјадници семејства поигрувајќи си со нивните чувства и ветувајќи дека проблемот со загадувањето ќе биде решен со нивното доаѓање на власт. Денес во Битола имаме за два до три пати поголемо загадување на амбиенталниот воздух од претходно. Гасификацијата кој беше клучен проект на Петровска е со нула проценти на реализација. Изградбата на прочистителна станица, проект со кој треба да се реши загадувањето на почвата и водите во битолско исто така е со нула проценти на реализација. Овој проект целосно беше изготвен од претходната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, склучен е трипартиден договор и обезбедени се средства во висина од 28 милиони евра.

На новата власт од СДСМ и преостана само да го реализира овој проект. Согласно предвидените рокови од договорот на 01.01.2020 година прочистителната станица требаше да започни со функционирање. Власта веќе две години доцни со реализција и на овој проект. Топлификацијата исто така проект кој е изготвен од претходната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ со кој беше предвидено изградба на примарен топловод од РЕК Битола до градот, беше стопирана со доаѓањето на СДСМ на власт, иако за истиот беа целосно обезбедени средства во висина од 46 милиони евра. Значи во моментов благодарение на неспособноста на СДСМ и Петровска, 74 милиони евра, средства кои се наменети за решавање на проблемот со загадувањето, а во целост се обезбедени од претходната власт на ВМРО ДПМНЕ чекаат на реализација. Ништо не е поразлична состојбата и со РЕК Битола, и после три години власт актуелното раководство се уште не е во можност успешно да спроведи постапка за јавна набавка за модернизирање на електростатските филтри иако тоа беше најавувано како еден од приоритетите на оваа власт. Изградба на нови зелени површини во Битола нема, а Петровска и ЈП Комуналец единствените садници кои се обидоа да ги засадат низ градот со претходна најава како акција за засадување на три илјади садници, од сите тие дрвца ниту едно од нив не успеа да ја преживее таа акција. Сообрајќајниот хаос во голема мера придонесува за загадувањето во градот, но и тука Петровска нема направено ниту еден исчекор.

Вашата партија, ВМРО-ДПМНЕ преку партиски соопштенија и прес конференции редовно обвинува за реваншизам, дали е тоа случај и во вашата општина?

Сите неистомисленици на власта во Битола врват низ одреден терор во секојдневието. Отпуштањата од работа, промените на работните места, голем број на изречени дисциплински мерки од страна на претпоставените функционери назначени од СДСМ се секојдневие. Мета на СДСМ се сите неистомисленици на власта, членовите и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ и голем број на врвни професионалци кои се истакнале со својата стручност и дале голем допринос во развојот на организациите и институциите во кои работат, но поради нивната некооперативност со власта во разнебитувањето на државата истите се санкционираат и голем број од овие професионалци неможејќи да го издржат секојдневниот притисок самите даваат отказ од работа. Ова е секојдневие во РЕК Битола, образование, здравство, Општина Битола и јавните претпријатија, ЈП Стрежево и други. Истото се случува и во бизнис секторот, па така фирмите блиски до власта се привилегирани во однос на останатите и се поголем број на стопанственици секојдневно се жалат на заканите од власта доколку не одговорат на барањата од функционерите.

Каква е економската состојба во Битола?

Петровска уште на своето прво обраќање на говорницата на Совет во Општина Битола изјави дека во целост ќе ги следи економските политики на централната власт. Навистина е така. Економската состојба во Битола воопшто и не се разликува од економската состојба во државата. Во изминатите две години Општина Битола со оваа власт има најнизок процент на реализација на капиталните расходи. После две години се уште во Битола ги дискутираме проектите започнати во едно минато време и вршиме максимален притисок врз власта за нивна реализација. Нови започнати капитални проекти во Битола нема, а со убедливо најнизок процент на реализација се и предвидените средства за осветлување, изградба на локални улици и патишта, реконструкција и одржување на улици и патишта, изградба на атмосферска и фекална канализација. Во Економската зона Жабени нови инвеститори нема, а основен показател за тоа каква е инвестиционата клима во градот најдобар показател се приходите во Општина Битола остварени од продажба на земјиште. Од планираните приходи од продажба на земјиште во 2019 година во висина од 20.000.000 ден. со вториот квартал остварила само 407.431 ден. или 2,04% од планираното, а со трет квартал остварила само 2.018.919 ден или 10,09% од планираното. Сето ова е доказ дека неспособноста на градоначалниците од СДСМ имаат голем допринос за општата економска состојба во државата.