Македонија 21. јануари 2019. / 12:01

Интервју на „Лидер“ со Имер Селмани: Сеуште не сум одлучил дали ќе се кандидирам за претседател

Интервју на „Лидер“ со Имер Селмани: Сеуште не сум одлучил дали ќе се кандидирам за претседател

Во кратката демократска политичка историја на Македонија, Имер Селмани беше најбилску до она што на последните две изборни циклуси  успеа да го постигне премиерот Зоран Заев – да освои значителен број на гласови од спротивната етничка заедница.

Во 2009та, тој освои 145.000 гласови на претседателските избори, а голем дел од квантумот доаѓаше од гласачи со Македонска етничка припадност.

Тогаш во јавноста тој го доби прекарот „Македонскиот Обама“, но кратко потоа, со формирањето на партијата „Нова Демократија“, се чини Селмани не успеа доволно да се наметне на политичката сцена во земјава.

Во изминатите месеци, Селмани ја поддржува владата – токму затоа, во пресрет на периодот во кој ќе се дефинираат кандидатите за претседателските избори, „Лидер“ разговараше со него за ова прашање.

Имер Селмани сеуште се колеба и не знае дали ќе се кандидира за претседател, но, како што вели, многу пријатели го убедуваат да го прифати предизвикот.

Со него разговаравме и на актуелните политички теми – уставните измени, потписот на Џафери на законот за јазиците и состојбите во опозицијата – доколку тој би се прашал, законот за двојазичност би го оставил за потпис кај наредниот претседател и не би постапил како ДУИ кои со потпис од претседателот на собрание го протнаа во Службен весник.

Во прилог, целото интервју:

Бурен старт на 2019-та. Македонскиот Парламент ги донесе уставните измени, собранискиот спикер по втор пат го потпиша Законот за јазици. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во процесот на менување на Уставот, Претседателот Иванов не стави потпис на Указот. Кој доби а кој изгуби во оваа голема игра за судбината на Македонија?

Македонија доби, и повеќе од тоа сум сигурен. Можеби некој на кратки стази смета дека нешто сме изгубиле или изгубил, меѓутоа на крајот на равенката е дека нашата држава заедно си сите свои граѓани има добиено. Добивката е вечна, безбедна и перспективна иднина на нашата држава со сите свои граѓани без разлика на етничката и верската припадност.

По случувањата во Парламентот, дали Македонија станува земја на поткуп и пазар или ова е начинот на владеење на правото и демократијата?

Секако дека повеќе или помалки сите ние добивме впечаток дека некој од пратениците во име на демократијата и силата на својот глас во Парламентот, се потрудија убаво политички да го наплатат својот глас. Посакувам да немаме многу често вакви глетки на уцени и условувања, иако рака на срце правилата на демократијата се тие, правото на мнозинството и силата на гласот во Парламентот се „свети работи“.

Како долгогодишен политичар, сметате ли дека токму сега беше најдобриот момент да се протне Законот за јазици, или тој можеше да го дочека потписот на новиот Претседател на РМ? Колку според Вас потегот на Џафери е уставен и оправдан?

Лично сметам дека кога се чекаше 12 месеци од усвојувањето на Законот за јазици во Парламентот, можеше да се почека уште 4 месеци, кога ќе имаме и нов Претседател кој очекувам дека би го потпишал Законот. Меѓутоа Претседателот на Парламентот проценил дека сега треба да се огласи и тоа е негово право, како што досега беше трпелив и не ја поднесе одлуката за објавување во Службен Весник.

За опозицијата ова е закон со кој се врши комплетна двојазичност и албанизација на цела територија на РМ, за власта нема ништо повеќе од Рамковниот Договор, што за вас како етничка заедница значи донесувањето на овој закон?

За мене овој закон само го унапреди за уште едно скалило употребата на јазикот на 20% од граѓаните кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство, на повисоко ниво. Дури законот во својот титулар не се однесува на албанскиот јазик, туку на 20%. Албанскиот не е службен јазик на ниво на македонскиот, меѓутоа за албанците значи многу, пред се чувство на поголема припадност и внатрешна кохезија во државата.

Ваш коментар околу начинот на кој ДУИ го прослави донесувањето на Законот за јазици, односно ,,летањето на орли“, на јавна сцена пред се на лидерот Али Ахмети, вицепремиерот Бујар Османи и пратеникот Артан Груби?

Подготовка за предвремени парламентарни избори, веќе виден фолклор во минатото. Ценам дека идните политички натпревари за сите идни избори треба да бидат економски, социјални и други програми, кои ќе ни донесат подобар живот, личен, семеен и на државно ниво.

Бевте министер во Владата на Груевски. Како го оценувате сегашното делување на ВМРО- ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски?

Ценам дека Г-дин Мицкоски ни од далеку не успева да го направи тоа што Г-дин Груевски го направи првите години откако стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Има многу работа внатре во ВМРО-ДПМНЕ да се направи, со лошото минато. Пред се треба да се направи лична дистанца и секако времето за национализам и на лажен патриотизам да се добијат избори веќе е минато за нив.

Дали со промената на власта од пред речиси две години, според Вас, подобро се живее во Македонија?

Има подобра перспектива секако, поготово со веќе изнесеното членство на нашата држава во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ. Кај граѓените нема страв да критикуваат и негодуваат-значи повеќе демократија. Во другите сфери на живот, тешко се воочуваат поголеми промени.

Утврден е датумот за Претседателски избори. Дали Вие ќе се кандидирате за највисоката државна функција?

Сум размислувал на оваа тема, имам многу пријатели и поддржувачи кои би сакале да се кандидирам. Секако дека кандидирањето за Претседател на Р.М. е голема одговорност и работа. Еднаш веќе бев кандидат, го имам потребното искуство, меѓутоа сеуште не сум одлучил.

Вие сте човек кој е постојано во контак како со политичарите, бизнисмените така и со обичниот човек. Ваше мислење какви се ,,силите“ на теренот? Дали на граѓаните им се смачи од избори и кој според Вас ќе биде идниот Претседател на РМ?

Вистина е дека има политичка апатија во државата и премореност на гласачите од избори кои не носат големи и брз промени, односно не се реализираат брзо очекувањата. Засега ќе се воздржам од моја прогноза, поготово кога сеуште не се утврдени ниту кандидатите.