Народниот правобранител Иџет Мемети во интервју за „Лидер“ зборува за слободата на говорот, состојбите во затворите, но и за свеста на граѓаните за борбата за своите основни човекови права преку институцијата Омбудсман.
Тој смета дека никој не треба да ја загрозува слободата на говор, но мошне неумесно е да се споделат ирноични стауси во случаи на несреќа каков што беше примерот со Ласкарци. Вели до него не стигнала преставка по однос на Фејсбук статусот на професорката Билјана Вакновска.
Минатата година до Народниот правобранител пристигнале 3458 претставки, а најголемиот дел од нив се однесуваат на правосусдство, работните односи, следуваат имотно-правните, социјалата, потрошувачките права.
Со години се нотира лошата состојба во затворите, а тоа значи дека нема подобрувања, ниту соработка со надлежните институции, вели Мемети.
Омбудсманот зборува за развојот и свеста кај граѓаните за борба за своите човекови права преку институцијата Народен Правобранител, соработката со инстуциите, воведување на нови механизми за заштита од полициска злоупотреба, зголемување на заштитата на правата на лицата со инвалидност.
Но заклучкот е вели Мемети дека „Ниту една власт не сака уште еден контролен механизам кој ќе ја следи нејзината работа”.
Веќе 15 години сте на функцијата Народен Правобранител. Може ли да се направи една генерална слика и преглед, дали има напредок во почитување на човековите права во земјава додека сте вие на функцијата Омбудсман?
Навистина е многу тешко децидно да се одговори на едно вакво прашање, со „да„ или со „не“, особено што јас ситуацијата со човековите права во една земја во транзиција, каква што е нашата , ја гледам како слика со една нишалка која час е горе, час доле. Значи таа е променлива во зависност и од демократскиот капацитет на властите, нивното гледање на важноста на човековит права, но и од економската и политичката ситуација во земјата. Втора работа, сметам дека еден омбудсман никогаш не би смеел да одговори дека е задоволен од степенот на почитувањето на човековите слободи и права, од едноставна причина што и во теоријата, но и во праксата ниту една власт не е докрај демократска за во целост да ги почитувата слободите и правата, или би рекол дека ниту една власт не сака уште еден контролен механизам кој постојано ќе ја следи нејзината работа.
Кога ја презедов оваа функција бројот на претставките беше околу 1.900. Од 2005 година наваму тој број никогаш не е паднат под 3.000, а во 2015 година кога беше врвот на политичката криза тој број беше 4.403 претставки. Но оваа статистика никако не значи дека нема напредок во почитувањето на правата, затоа што кога зборуваме за ова прашање мора да се земе предвид и фактот што како поминуваа годините така граѓаните се повеќе ја спознаваат институцијата и се повеќе се охрабруваа да се обратат за заштита на нивните права. За мене главен репер во напредокот е колку органите одговараат на нашите препораки. Значи колку тие стануваат свесни дека со носење или неносење на некоја акт им ги кршат правата на граѓаните и колку се свесни дека грешките не треба да ги повторуваат. Оваа ситуација од годна во година се поодбрува, значи органите одговараат на нашите препораки, а она што охрабрува е фактот што во последно време сменет е и квалитетот на одговорите, нешто што е многу битно пред се за граѓаните на кои им помагаме да си ги остварат своите права.
Значи да резимирам со развојот на општеството се развиваше и свеста за човековите слободи и права и за потребата од нивна заштита. Во овој правец ги гледам и законските измени кои се направија во изминатите години, а кои имаа за цел зајакнување на позицијата Народен правобранител. Така нашиот мандат сега е проширен и не се сведува само на заштита туку и на промоција и на превенција. Ни се даде мандатот да превенираме од тортура -од 2011 година формиран е тимот на Национален превентивен механизам во чија надлежност е токму превенцијата од тортура на лицата на кои им е ограничена слободата на движење. Многу скоро ќе го ставиме во функција и тимот за граѓанска контрола со што граѓаните добиваат уште еден механзам за заштита од полициската злоупотреба, а и лицата со инвалидност добиват уште еден сојузник во заштитата на нивните права преку одделот за следење на спроведување на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидност.
Но сепак, најважната измена која се направи со цел зајакнување на позицијата на институцијата е обврската на пратениците по разгледувањето на Годишниот извештај да усвојат мерки за спроведување на општите препораки дадени во него, за кои владата треба да реферира пред парламентот на секои шест месеци до каде е нивната имплементација. Ова е голем исчекор во поглед на зголемување на степенот на заштита на правата на граѓаните, од причина што нашите општи препораки дадени во овој извешатј нема да останат само на хратија, туку ќе се следи нивната имплементација.
Конкретно, за минатата година, колку претставки се стигнати до вашата канцеларија и на што се однесуваат најголем дел од нив?
Минатата година ја завршивме со вкупно 3.458 поднесени претставки, што во однос на 2017 година претставува благ пораст. Најголемиот дел од претставките се однесуваа на областа правосусдство, потоа следуваат работните односи, па имотно-правните, социјалата, потрошувачките права, казнено-поправните и воспитно-поправните установи и друго. Јас во оваа прилика, кога зборувам за минатата извештајна година би искажал два проблема, кои на некој начи ја одбележаа нашата работа.
Имено, над 300 поранешни вработени во АД Охис во стечај се обратија до нашата канцеларија изразувајќи незадоволство од работата на стечајниот управник, на стечајниот судија, но и на дел од адвокатите кои требале да ги застапуваат нивните права. Оваа појава кажува дека и после толку години и реформи кај стечајот (направени се неколку законски измени) проблемот на овие лица се уште не е решен. Притоа, освен тоа што тие остануваат без своите заостанати плати, значи без средства за егзистенција, дел од нив поради неможноста да си ги наплатат придонесите за пензиско осигурување остануваат и без правото на пензија или истата ја користат во помал износ од реалниот. Институцијата сериозно го испитува овој случај-сомнежите на поранешните вработени и кога до крај ќе ги испитаме наводите ќе ја информираме јавноста.
Уште една карактеристика ја издвојувам – зголемувањето на бројот на претставките во областа имотно-правни односи, кои на површина ги издигнаа проблемите со кои граѓаните се соочуваат, особено во однос на денационализацијата (враќањето на одземениот имот). Имено, Народниот правобранител констатира дека главниот проблем за граѓаните е работењето на комисиите за денационализација, кои во континуитет не обезбедуваат еднаква и објективна примена на законите и другите прописи, што пак, доведува нивните одлуки и по неколку пати да се поништуваат од управните судови, а граѓаните за остварување на правото да водат постапки со децении.
Но тука би истаканал и уште еден проблем со кој се соочува голем број на граѓани, а тоа е областа работни односи, каде имаме зголемен број на поднесени преставки. Нас ова не не зачуди од причина што речиси по сите спроведени локални и парламентарни избори, после една година од нивното спроведување, се зголемуваат поплаките по овој основ. Тоа пак, повлекува, зголемување и на бројот на преставките во областа дискриминација по политичка основа. Конкретно, минатата година имавме поплаки од голем број на лица вработени во образовни институции, на кои или не им биле продолжени договорите или не им бил трасформиран работниот однос. Овие лица сметаат дека таквото постапување исклучиво е поради политички реваншизам, појава која еднаш мора да престане.
Морам да потенцирам дека и остварувањето на социјалните права со години наназад е проблематичена област. Народниот правобранител бара суштински реформи во овој сектор и тоа промени кои треба да одат во насока на зголемување на средствата за оваа категорија на лица, затоа што тие се недоволни, дури би рекол понижувачки, како и за начинот на нивната распределба.
Изјавата на професорката Биљана Ванковска и новинарот Миленко Неделковски по сообраќајната автобуска несреќа кај Ласкарци наиде на огромна осуда од јавноста. Дали до Вас има стигната претставка за говор на омраза токму по овој случај и како Вие ја коментирате изјавата „Каква трагедија и иронија-Карпалак”?
За овие два случаи, што ме прашувате нема пристигнато преставка до нашата институција. Јас би рекол дека ова е работа за јавното обвинителство кое е надлежно да утврдува дали тука има дело говор на омраза или не. Што се однесува за мојот став по ова прашање, би кажал дека е неумесно да се користат социјалните мрежи, особено при една ваква трагедија, за да се споделат вакви ставови, па макар тоа било и во иронија. Впрочем, слободата на говорот никако не подразбира ширење на говор на омраза или загрозување на правата на некој друг. Ја разбирам потребата од изразување на ставови, но тоа да не се прави со цел да се навредува некој и да се шират манипулации и дезинформации.
Верувајте нема да одиме по вистинскиот пат ако „војуваме преку социјалните мрежи„. Ние сме мултиетничко чуствително општeство и со крајно вниманите секој треба да си ги изнесува своите ставови. Токму од овие причини неодамна е фромирана и Мрежата против говор на омраза чија членка е и институцијата Народен правобранител. Со пристапувањето кон оваа нефромална група, сакавме да дадеме придонес кон подигање на свеста за оваа девијантна општестветна појава.
Последните 3 месеци политичарите донесоа два акти со кои се смени името на државата, но и се прошири и унапреди примената на албанскиот јазик. Дали некој се обратил до Вас по однос на промената на името и начинот на кој се донесе Законот за јазици?
Политичарите се бираат да носат политички одлуки, а обмудсманот да ги штити правата на граѓаните. Работата на политичарите ја цени времето/историјата, тие покажуваат колку една одлука била исправна или не. За разалика од нив, мерливоста на работата на омбудсманот е во тоа како граѓаните го прецепираат. До институцијата народен правобранител нема поднесено претставка ниту за името, ниту за начинот како е донесен Законот за употреба на јазиците. Мене тоа ми укажува на фактот дека граѓаните точно ја знаат улогата на Народниот правобранител.
Во јавноста имаше реакции дека се обидувате да ја партизирате институцијата, која треба да биде независна и заштитник на граѓаните, поставувајќи партиските кандидати за ваши заменици. Зошто се одлучивте на ваков потег?
Морам да признаам дека малку сум зачуден што ова прашање ми се поставува после повеќе од две години од изборот на замениците. Значи како што напоменав тие се избрани пред повеќе од две години и јас да бидам искрен за овој период во ниту еден извештај на релевантните меѓународни организации не прочитав дека нивниот избор се смета како партизација на институцијата.
Од друга страна за овој период во нашата канцеларија не се намали ниту бројот на претставките, што укажува дека ниту граѓаните не ја перципираат институцијата како нечија партиска експозитура. А морам да признам дека мене довербата на граѓаните ми е најважна во мојата работа. Тука е битен уште еден момент едниот од замениците веќе беше на оваа функција веднаш по основањето на институцијата, што значи дека одлично ја познава нејзината работа, другиот заменик никогаш не бил дел од некоја висока партиска структура. Да тој претходно работел на други позиции, но тоа не го прави неподобен за оваа функција која сега ја обавува.
Со години алармирате за лошата слика во затворите, за пренатрупаноста, но и за честото одредување на мерката притвор. Фактичката слика е непромената. Имате ли проблем во соработката со институциите?
Јас и понатаму ќе апелирам за надминување на евидентните состојби со лошите услови во затворите, се до оној момент додека не ги достигнеме европските затворски правила. Конкретно, тоа значи создавање хумани услови за издржување и на мерката притвор, но и на казната затвор. Во овој контекст би го споменал и процесот на реоцијализација, кој не функционира, па наместо лицата по издржувањето на затворската казна да почнат сосема нов живот, тие стануваат повратници.
Исто така, јавноста не треба да заборави дека Јас во континуитет алармирам и за отсусутвото на процесот на образование во овие установи, руинираниот систем за здравствена заштита, немањето на документи за лична идентификација на затворените лица, како и за состојбата со безбедноста на осудените лица и лицата кои се во пртивор.
Ако овие состојби, се повторуваат во секој Годишниот извештај значи дека нема подобрувања, ниту соработка со надлежните институции. Се додека на челните позиции на овие установи се ставаат лица по партиски клуч, мислам дека нема да има подобрување во ова сфера. Јас оваа практика ја критикував и со жалење констатирам дека и оваа влада нема слух за промени.
Реновирањето на дел од објектите во КПУ „Идризово“ е чин за поздравување и тоа треба да продлжи и понатаму. Но не се реформира затворскиот сиситем само со преземање на градежни зафати. Тука поголем дел од работата се однесува и на обуката на лицата кои таму работат, на искоренувањето на корупцијата и сето она што ја дава грдата слика за овој систем.
Дали Омбудсманот добива доволно средства од буџетот за непречено функционирње и вршење на функцијата за која е формиран, а тоа е промоција и унапредување на човековите права?
Знаете како викаат „кој ги има парите тој ја има контролата“, а нашата инстиуција тоа го чуствуваше со години наназад и тоа не е тајна. Ако ги земете моите изјави во последниве седум или осум години, ќе видите дека постојано укажував дека на институцијата Народен правобранител и се доделуваат недоволно средства за да си ја исполни со устав и закон дадената улога. Буџетот беше доволен само за плати и тековни трошоци. Да не зборувам за кадровските капацитети, кои дел успеавме да ги пополниме дури минатата година.
Мислам дека во јавноста на некој начин станав досаден со постојаното повторување на случајот со тимот на Националиот превентивен механизам, кој неколу години не функцинираше од причина што речиси сите вработени си заминаа на други работни места, а ние не добиваме согласност за нивно пополнување. За разрешување на проблемот со финансиските средства не помогнаа ни првите законски измени, со кои се предвиде во парламентот Народниот правобранител да се произнесе за неговиот буџет и истот да се гласа посебно. Што се случуваше? Јас речиси на секоја седница изразував незадоволство, а пратениците едноставно го гласаа буџетот предложен од Владата и толку.
По посетата на Прибе и неговите препораки, се направија уште едни измени со кои сега буџетот на Народниот правобранител, прво се усогласува со министерот за финасии. Ако не се усогласи буџетот, народниот правобранител изготвува и поднесува извештај до Владата, а на седницата за која се расправа за овој извештај, задолжително присусутвува народниот правобранител. Во пракса, ова се покажа дека е добра измена, затоа што и минатата, но и оваа година, ние го усогласивме извештајот со министерот за финасии и имаме буџет согласно нашите потреби.