За актуелната политичка ситуација, за економските реформи и за земјоделството „Економски Лидер“ разговараше со Цветан Трипуновски, член на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.
За аферата „Рекет“ Трипуновски вели дека зад Боки 13 и зад Катица Јанева стои некои многу поголем. Одговорност ќе има и тоа набргу, смета тој.
Во интервјуто Трипуновски нагласува дека предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ за новото обвинителство гарантира финансиска независност.
Граѓаните живеат најлошо, поради политиките на оваа Влада, вели Трипуновски и констатира дека посебно оштетени се земјоделците. Тој додава дека мерките на неговата партија ќе го направат земјоделството профитабилно. На тоа ќе се гледа како мал или среден бизнис, од кој не само што ќе може да се заработува, туку и ќе може да се остварува екстра профит и да се вработуваат други луѓе.
Оваа Влада ја тресат бројни скандали. Деновиве на врвот е случајот „Рекет“. Како ја коментирате ситуацијата, мислите ли дека истрагите ќе стигнат до главата на криминалниот октопод?
Реално гледано на секого во Македонија му е јасно дека рекет од таков обем за каков што слушнавме во последните неколку дена не е можен без поддршка на првиот човек во државата. Листите кои излегоа во јавноста со сумите и бизнисмените кои се рекетирани, ако не се лажам тие беа објавени и од вашиот портал, укажуваат дека се рекетирани луѓе кои со децении се во бизнисот, луѓе кои не би му дале рекет на некој Боки 13, ако зад него не стои некој многу многу поголем како од него, така и од Катица Јанева.
Но самиот факт, дека нема истрага ниту за Катица Јанева, говори доволно дека власта само спроведува козметичка операција, по која зад решетки ќе завршат само крајните извршители, а нарачателите и луѓето кои го овозможиле овој рекет очигледно додека е СДСМ на власт ќе останат недопрени.
Но само за да остане дека е кажано. Одговорност ќе има и таа набргу ќе дојде.
Ново обвинителство ќе има, во која форма сеуште не се знае. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се залагаат за владеење на правото и прогон на криминалците, и поранешните и актуелните. Зошто сметате дека предлог законот на Вашата партија е подобар од оној на власта?
Нашиот предлог закон гарантира финансиска независност на обвинителството. Законот кој ВМРО-ДПМНЕ го предлага е во согласност со нормите на ЕСЧП и ОН, знаејќи го ова оставам да цените сами.
Премиерот Зоран Заев најави дека 2019 е економска година. Вие често одржувате средби со граѓаните. На што укажува теренот – ги чувствуваат ли граѓаните економските придобивки или сметаат дека никогаш не живееле полошо?
Не полошо, граѓаните живеат најлошо. Празен е џебот на македонскиот народ. Тргнувајќи од земјоделците кои родот свој го фрлија во каналите или го изораа во нивите, работниците кои работат под минималец, па се до бизнисмените, кои не знаат кога ќе дојде некој да ги изрекетира. Нема човек во државата кој живее добро. Секој сам нека си одговори, колку артикли можел да си купи во продавница со 500 денари пред три години, а колку сега, тоа е најмеродавниот показател дали некој живее добро или лошо. И додека цените се зголемуваат, стандардот е се понизок.
Македонија е држава која што живее од земјоделство. Сметате ли дека мерките на Владата се на страната на вистинските земјоделци или на т.н. профитери од трудот на овие луѓе?
Она што владата сака да го нарече мерки, не се мерки, тоа се квази мерки, кои имаат за цел замачкување на очите на граѓаните и замјоделците конкретно. Земете ја таканаречената мерка за зелена нафта која на големо ја наајаавија. Таму немате некоја помош за земјоделците. Замислете од вкупно над 100.000 земјоделци колку што се регистрирани во Македонија, има само 50.000 картички за зелена нафта. Па сега кажете ми вие кој ќе добие, а кој не картичка.
Уште полошо е и што тие кои ќе ја добијат обваа картичка нема да можат да направт нешто посебно со истата, бидејќи попустот кој што го нуди истата е од 1 – 3%.
Доколку сакаа навистина нешто да направат ќе ја укинеа акцизата за нафтата. Но тоа не го прават, затоа што ја полнат буџетската дупка која е се поголема и поголема.
Практично ако погледнеме она што СДСМ го ветуваше во предизборието 2016-та практично ништо не исполнија или она што го почнаа е чиста шминка и давање лажна надеж,се она што го работат во моментот се наследени проекти, програми и активности од времето на ВМРО-ДПМНЕ но сакам да потенцирам дека и во тој дел гледаме сериозни пропусти во работењето. Како пример ќе ве потсетам дека изминатиов период јавно реагирав дека се доцни со исплатата на субвенциите, реализација на ИПАРД повиците,една година од повикот за „Млад земјоделец“ се уште нема мрднато од мртва точка , едноставно владата и ресорното министерство ги имаат оставено земјоделците да се снаоѓаат сами како можат и умеат.
Иселувањето на младите е еден од најголемите проблеми на државата. Веќе и да нема млад човек што не сака да замине во странство. Тие што остануваат не сакаат да се занимаваат со земјоделство. Како ќе ја привлечете оваа таргет група да се врати на нива?
Потребни се итни мерки кои ќе го заживеат земјоделството, оваа гранка речеси изумира. Ние во нашата програма која ќе биде претставена пред граѓаните за време на предвремените парламентарни избори, кои посакуваме да се случат час поскоро ќе понудиме квалитетни решенија кои не само што ќе ги вратат младите на нива, туку и ќе го направат вистински профитабилно земјоделството, а работењето земјоделие ќе се гледа како мал или среден бизнис, од кој не само што ќе може да се заработува, туку и ќе може да се остварува екстра профит и да се вработуваат други луѓе.
Која е Вашата стратегија за земјоделството и како ќе го подобрите пласманот на овие производи кога ќе дојдете на власт?
Потребна е поголема активност од страна на државата во изнаоѓање на партнери за откуп, како и привлекување на инвестиции од странство во преработувачката индустрија, но и мотивирање на наши претприемачи да отворат бизниси кои ќе го докомплетираат ланецот на производство на храна, за Македонија од земја извозник на сурово овошје да биде и земја извозник на готови производи, конзервирани или преработени, што ќе даде поголема додадена вредност на економијата и ќе креира голем број на нови работни места.