Македонија 28. јануари 2019. / 13:24

Интервју на „Лидер“ со Цаца Николовска: Потребна е генерална чистка на несоодветниот кадар во судството

Интервју на „Лидер“ со Цаца Николовска: Потребна е генерална чистка на несоодветниот кадар во судството

Маргарита Цаца Николовска во интервјуто за „Лидер“ зборува за актуелната состојба во судството, неговата независност, но и политчката спрега на законодавната и судската власт.

Николовска смета дека треба да има генерална чистка на несоодветниот кадар во судството. Дел од одговорноста за тоа ја гледа во Судскиот Совет. За бегството на поранешниот премиер Никола Груевски вели дека тука граѓаните очекуваат многу, но истрагата не е на посакуваното ниво. Затоа вели мора да има морална одговорност од министерот за внатрешни работи, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и директорот на Агенцијата за разузнавање.

Во 1998 год. Маргарита Цаца Николовска беше избрана за прв македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Франција и таа функција ја извршуваше до 2008 год. Во 2011 год. е избрана за судија во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, а во 2015 е назначена за потпретседател на судот. Маргарита Цаца Николовска е член на основачкиот одбор на Македонското Здружение на судии и претседател на неговиот комитетот за меѓународни односи. Во периодот од 1995 до 2006 е претставник на Македонското Здружение на судии во Европското и Меѓународното Здружение на судии.

Во прилог, целото интервју:

Судството веќе две години е во фокусот на јавноста. Од долгоочекуваните пресуди ќе зависи и вистината во Македонија. Но наместо самостојна судска власт, зависно политичко судство. Колку според вас политиката замеша раце во судството, особено во последниве 3 месеци, кога се менуваше Уставот?

Задача на државата е да го почитува принципот на поделба на власта. Овие власти се во одредена корелација и затоа терминот независно и непристрасно судство е поадекватен во дадената ситуација. Постапката околу гласањето за промена на Уставот изобилуваше со многу изјави, коментари, претпоставки и заклучоци кои ретко беа поткрепени со докази. Обидите за помирување кои резултираа и со носење на Законот за амнестија кој беше донесен со големо мнозинство укажува на поддршка и согласност за истиот на законодавната власт.

Важно е дека крајните решенија по прашањата за амнестија ги дава судот на барање на засегнатите лица, а по предлог на обвинителство а дадена е можност да се користи и примени правниот лек жалба што значи и повисоките судски органи да ги ценат донесените одлуки како од аспект на процедура така и од аспект на меритумот или од аспект на владеење на правото како принцип на независно судство. Што се однесува до самата суштина на содржината на уставните промени на мислење сум дека тоа ќе овозможи опстанок на државата и реализација на аспирациите за влез во НАТО и ЕУ. Причините за ваквиот пристап се бројни.

Дали СЈО смее да отвора истраги и да подигнува обвиненија по рокот од 18 месеци од преземање на бомбите, кој истече пред година и половина? Врховниот суд треба да донесе став за ова прашање кое го иницирал адвокатот Еленко Миланов, кој застапува повеќе обвинети и осомничени од СЈО. Од Врховен со соопштение потврдија дека на 30-ти јануари на општа седница ќе се разгледуваат иницијативи на адвокатите Боро Тасевски и Еленко Миланов за донесување на начелно правно мислење, но не откриваат на што се однесуваат иницијативите. Ваше мислење, може ли да пропаднат истрагите за ДУИ и други обвиненија на СЈО?

Дискутабилен е одговорот на ова прашање со оглед на разликите на толкување на рокот од 18 месеци особено во делот на отворање на истраги. Овој рок истече пред една и пол година што е многу долг период на чекање за релевантен одговор за вака сериозна работа. Имаме ситуација на постапување на СЈО и конкретен предмет по кој во редовни и вонредни правни лекови ќе се постапува пред Врховниот суд. Секако овие прашања ќе бидат предмет на испитување па барањето сега Врховниот суд да одлучува пред време може да се третира како преурането. Другото размислување е давањето на мислење само по иницијативата за која велите дека не ја откриваат а ако е само за рокот општо без да се имаат во предвид околностите како се постапувало по конкретниот предмет е беспредметно. Поупатно е да се постапува по конкретниот предмет и Врховниот суд да даде свое мислење. Дадената можност за начелно правно мислење во Законот за судови не е од ваква причина. Овде не станува збор за разни судски ставови туку незадоволна е засегнатата странка која не е обвинител. Има други правни инструменти кога станува збор за проблем околу разно толкување на одредени одредби на законот а тоа е барање за автентично толкување. Од друга страна ако станува збор за нејасност или неуставност на одреден закон како што можеби да е случај во дадената ситуација тука е можноста за постапување на Уставниот суд на РМ. Како крајна можност, ако законот не го исполнува условот за квалитетен закон Европскиот суд за човекови права го оценува исто така ова прашање секако во конкретен предмет. Не сум во детали запознаена со конкрентите предмети за ДУИ или другите обвиненија за да дадам мислење дали истите можат да пропаднат.

СЈО веќе една година нема одржано прес конференција. Се отвора ли сомнеж дека во институцијата владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи? Го подели ли политиката СЈО на табори?

Околноста што СЈО нема одржано пресконференција веќе една година генерално не може да се сфати како сомнеж дека во институтцијата владее незадоволство од начинот на работа. Колку последните политички случувања влијаат на работата на СЈО е прашање на кое да се одговори потребни се повеќе податоци а секако и одговор од страна на СЈО колку политиката го подели СЈО во табори повторно е прашање кое бара аргументи да се одговори на истото и се друго би било шпекулација. Од друга страна секако дека одредените политички настани ќе влијаат и врз нивната работа како што влијаат во секојдневниот живот но она што е важно е неговото постапување да биде во согласност со владеење на правото а тоа националните и меѓународните стандарди за кои одлуки секогаш треба да има доволно аргументи за да се отстрани секаков сомнеж.

Како невладин сектор, повикавте на политичка одговорност, оставки од министерот за внатрешни работи, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и директорот на Агенцијата за разузнавање за бегството на Никола Груевски. Истрагата не е завршена, Основното јавно обвинителство најави дека предистражната постапка ќе заврши во рок од две недели и дека јавноста ќе биде информирана, но тоа сеуште не се случи. Дали и во овој случај се потврдува дека политиката и личните интереси се многу поважни и посилни од вистината, демократијата, владеењето на правото?

Истрагата е комплицирана работа и изјавите околу истата треба да се даваат многу внимателно особено кога станува збор за презентирање на одредени рокови. Има многу непредвидливости во истрагата но секако дека граѓаните очекуваат информации кога нив ги нема пресијата кај граѓаните се зголемува. Интересот не само што е голем туку има и потреба од брза, ефикасна и ефективна истрага што како таков стандард е прифатен во праксата на Европскиот суд за човекови права во примена на Европската Конвенција за човекови права.

Во дадениот случај не се среќаваме со таква состојба и затоа се прават разни шпекулации кои не се во насока на исполнување на горенаведените стандарди, односно не се препознава такво работење од органите. Не сметам дека постојат лични интереси особено се додека тоа не се докаже а политиката во контекст на поставеното прашање мора да ја подржува демократијата и владеењето на правото секако во насока на утврдување на вистината.

Непочитување на овие принципи секако дека упатува на потребата и од одредени морални одговорности.

Како се контролира прислушувањето? Во тек е создавање на граѓанско тело кое треба да ја следи и контролира работата на ОТА. Вашиот избор зависи од гласот на пратениците, што е извесен. Што треба да се очекува од оваа граѓанска контрола?

Вашата констатација за изборот на членови на граѓанското тело дека е извесен не можам да го прифатам. Факт е дека ова ќе биде ново формирано тело кое што ќе врши одредена контрола и мониторинг врз прислушкувањето и во овој момент можам само да кажам дека е потребно да се следат законските одредби во насока и да оставиме времето да покаже како и колку ова тело ефикасно може да дејствува.

Законот за јазици е пратен во Венецијанската комисија без потпис на Претседателот на државата. Дали битката е предвремено дадена?

Праќањето на законот до Венецијанска комисија не треба да предизвикува негативни емоции. Таа ќе треба да даде мислење на поставените прашања имајќи предвид секако одредените одредби од предметниот закон, компатибилноста нивна со нашиот устав како и одредени компаративни согледувања за примена на релевантните стандарди. Прашање е што се бара од Венецијанската комисија, дали да се третира содржината на законот или фактот што е тој закон без потпис од Претседателот на државата во услови кога тој одбива да го потпише законот иако бил должен тоа да го направи во согласност со националниот устав. По мене евентуалното прашање за потписот на Претседателот на Собрание наместо на претседателот на државата во дадените околности треба да се гледа и од аспект на уставната одредба и за неговата евентуална спреченост за потпишувањето на законот во многу поширока конотација. Спреченоста може да биде од различни причини а во конкретниот случај размислувањата на претседателот објективно може да го спречува во обврската да го потпише законот.

Кога станува збор за судија во европски рамки, Вие сте бренд во Македонија. Ваш став, дали земјава може да стои рамо до рамо со европските земји со вакво судство?

Прво сакам да кажам дека секаде постојат одредени проблеми во судството од многу различни причини а особено од неговата поставеност и важноста на одлуките што се носат. Најважно е да се заштити неговата независност како во примена на процедуралните стандарди и квалитетот во примена на матерјалното право преку владеењето на правото. Во Македонија не сите судии заслужуваат критика во нивното извршување на судиската функција. Секако дека треба да се расчисти генерално со несоодветниот кадар во судството, тоа не е лесен процес бара сериозно оценување на состојбите и се согласувам дека е потребно веќе да се превземат некои активности во таа насока. Проблемот се јавува и кај постапување на Судскиот совет кој што е надлежен за избор и разрешување на судии. Нивната работа секако дека треба да биде предмет и на евентуална одговорност кога својата функција не ја извршуваат соодветно. Секако дека и самите судии треба да превземат одредени активности во насока на санирање на состојбите и тоа како со нивното учество во избор на членови на Судски совет така и со превземање на одредени дејствија за отстранување на несоодветниот кадар од своите редови при што треба да водат сметка за зачувување на својот интегритет и интегритетот на своите колеги.

Со новите законски измени во судството (Закон за судови и Закон за Судски совет), во обвинителството, адвокатурата и Академијата за судии и јавни обвинители сметам дека состојбата значително ќе се подобри и дека децидно ќе бидат применети принципите на независно и непристрасно судство што е обврска на секоја држава а особено на онаа што е член на Совет на Европа и претендира за влез во ЕУ.