Македонија 08. јануари 2019. / 13:18

Интервју на „Лидер“ со Беса Арифи: Убедена сум дека пратениците кои се за ЕУ и НАТО, ќе го изразат тоа преку гласање

Интервју на „Лидер“ со Беса Арифи: Убедена сум дека пратениците кои се за ЕУ и НАТО, ќе го изразат тоа преку гласање

Помалку од 24 часа не делат од отворањето на собраниската седница на која ќе се гласа за усвојување на уставните амандмани со кои ќе се смени името на државата. Се чини, во последен момент дел од политичките партии со Албански етнички предзнак, се обидоа да ги замрсат сметките со нови барања до премиерот Зоран Заев.

Последните политички премерувања, се повод за интервју на „Економски Лидер“ со универзитетската професорка Беса Арифи, која смета дека и покрај се на крајот уставните измени би требало да поминат затоа што ќе бидат гласани од сите пратеници кои се за интеграција во ЕУ и НАТО.

2019-тата е година која ќе биде дел од историјата запаметена од идните генерации. Македонија го менува името. Македонија го менува и Уставот. Како правен експерт, дали сметате дека ова е цената да се биде дел од Европското смејство?

За повеќе од 27 години се наоѓаме во ситуација на тотлана изолираност а во периодот 2006-2016 се вративме неколку чекори назад во евроатлантскиот интегративен процес. Мислам дека цената веќе ја плативме со тие изгубени 27 години. Не постои поголема штета која може да ни се случи од тие 27 години изолација, кои не чинеа премногу. Луѓето се веќе изморени и се помалку има причини зошто некој би останал да живее во земја која самоволно избира изолација наместо напредок. Така што јас Договорот од Преспа и Уставните измени кои престојуваат не ги гледам како цена, туку како голема можност и единствена шанса која треба да ја зграпчиме за да излеземе од тој ќорсокак во кој бевме заглавени речиси три децении. Повеќе од јасно е дека патот за интеграција во НАТО и ЕУ води преку Договорот од Преспа. А цената сме ја платиле и тоа дебело сите овие години. Тоа најдобро го знаат семејствата чии деца одлучија да ја напуштат земјата и да одат во ЕУ додека ние се мислиме дали да ја пуштиме ЕУ да дојде кај нас.

И покрај неуспешниот референдум и малата поддршка за промените кои ни се случуваат, Договорот од Преспа се спроведува. Сведоци сме на задкулисната игра која се води во Законодавниот Дом. Народно кажано, наместо Собрание, ние имаме пазар. Неизвесна е и седницата закажана за 9-ти јануари. Според Вас, дали во овој момент, за пратениците поважни се личните интереси или иднината на државата?

Не би го смеатала референдумот за неуспешен. Факт е дека излезноста беше ниска меѓутоа истотака е факт дека над 600.000 граѓани гласаа за интеграција во НАТО и ЕУ преку прифаќање на Договорот од Преспа. Тоа се повеќе гласови отколку што било која предизборна коалиција успеала да собере во било кои парламентарни избори. Тоа е јасна порака на едно силно мнозинство на луѓе кои го подржуваат овој договор бидејќи целосно ја разбираат историската важност на истиот. Што се однесува до случувањето во Собрание а во врска со обезбедувањето на двотретинското мнозинство потребно за уставните измени, тоа е дел од политичкиот момент и од политичката цена која треба да се плати за обезберување на тоа мнозиснтво. Пратениците се пред историска одлука. Начинот на кој тие ќе се постават во ова гласање ќе го детерминира начинот на кој тие ќе бидат запаметени во аналите на поновата историја на ова држава.

Премиерот Заев не ветува ништо, дали ќе се обезбеди 2/3 мнозинство остави да се види на самата седница. БЕСА има свои барања, не се мазни ниту односите со Алијансата на Албанците. Ќе го притиснат ли тастерот ЗА овие пратеници, и која ќе биде понудата за таквиот потег од страна на Заев?

Ова не се парламентарни избори ниту воспоставување на владеачки коалиции. Ова е времето кога се трасира патот на спроведување на Договорот од Преспа кој води до интеграција во НАТО и ЕУ. Нема други повозвишени цели за напредните граѓани во ова земја отколку интеграцијата во овие структури. Нема политичка партија на Албанците во Македонија која не се залагала за тие интегративни процеси. Така што нема ниту оправдување за било какви други калкулации. Јас сум убедена дека пратениците кои се за интегрирање во НАТО и ЕУ ова го знаат и истото ќе го изразат преку нивното гласање без разлика од кој политички субјект тие доаѓаат.

28 години бевме на браникот на истрајноста и цврсти ставови. Дали Македонија направи премногу отстапки за прекратко време?

Не се согласувам дека сме биле на некаков браник на истрајноста. Нашите цврсти ставови само нас ни штетеле и на никој друг. Резултатот на таквите ставови е овој денешниот: повеќе од 600.000 иселени што е повеќе од ¼ на вкупното населеније, 27 годишна изолација, испуштање на шансата уште од 2008 година да бидеме дел од НАТО, испуштање на можноста одамна да бидеме членка на ЕУ со оглед на фактот дека бевме прва земја во регионот која потпиша Спогодба за Стабилизација и Асоцијација и се сметавме за најдобар ученик меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ. Сега треба да се бориме за сите овие работи во услови кога станува се потешко земјите членки на ЕУ да се убедат дека треба да бидеме дел од нив. А можевме тоа да го апсолвираме многу порано и ситуацијата денес ќе беше многу поразлична. Кажете им за браникот на истрајноста и за цврстите ставови на најбистрите студенти и млади луѓе што ја напуштија татковината и сега го живеат животот кој го заслужуваат во ЕУ. Не мислам дека многу ќе ги фасцинирате со тие ставови наспроти практичноста на животниот стандард што ЕУ им го понуди.

Законот за амнестија и измените на кривичниот законик како да ја урнаа правната држава. Дали власта покажува надмоќ во однос на правдата?

Не може да се урне нешто што не постои. Македонија одамна има сериозни проблеми со воспоставување на вистинска правна држава и со концептот дека сите треба да бидат исти пред законот и да носат кривична одговорност без разлика на нивната функција. Во политички нестабилни држави владеењето на правото е невозможно и правото редовно се жртвува заради интересите на политиката. Можеби кога ќе станеме нормална и стабилна држава тогаш правото ќе има вистинска шанса да владее.

Груевски се водеше до цврсти ставови за непромена на името, спротивно на тоа Заев прави се со образложение влез во НАТО и ЕУ. Заедничко за двајцата е што упорно ја тераат својата зацртана агенда, се менуваат закони само да се постигне посакуваната цел. По што се разликува власта на Заев од онаа на Груевски?

По многу нешта се разликуваат тие две власти и не може да се стави знак равенка меѓу нив. Не можете да релативизирате состојба која за 10 години владеење ја претвори Македонија во изолирана и заробена држава. Од друга страна, за помалку од две години ние се вративме во игра во планот на интеграциските процеси и во меѓународната политика каде што бевме целосно отсутни за повеќе од една деценија. Од една држава во која власта стимулираше меѓуетнички тензии секогаш кога се наоѓаше во тесно, во процес сме да пораснеме во држава која инклузивното општество го смета за предност а не за хендикеп. Секако дека престои голема и суштинска работа за справување со предизвиците, меѓутоа слободата која е видлива во општеството и постоењето на силна критична мисла за сите неразрешени работи ее вредности за кои напорно работевме и од кои враќање назад нема.

На парламентарите избори граѓаните гласаа власт која ќе делува во нивен интерес, но не се случува тоа. Освен евро-атланската агенда и упорното трудење на власта да се протурка Договорот од Преспа локалната политика е тотално занемарена. Внимание не се посветува ниту на здравството, образованието, социјалата а економијата тапка во место. Треба ли претседателските избори да однесат и превремени парламентарни

Владата секако дека поставила одредени приоритети за чие достигнување е потребна голема енергија. Проблемите кои настанале во долги години на изолација корупција и злоупотреба на јавни фондови нема да исчезнат со магично стапче. Секако дека предизвиците се големи и не се согласувам дека ништо не се прави на локален план. Има повеќе зафати во различни полиња. Така на пример не може да се игнорира и реативизира огромната работа која се прави особено во секторот за труд и социјална политика, право, образование, и економија. Секако работите ќе се сменат многу откако ќе ги отвориме преговорите со ЕУ. Затоа сега приоритетот е ставен на тој чекор, да стигнеме до отварање на преговорите. Откако истите ќе се отворат, нема да имаме друга можност освен вистински да се реформираме и да ги решиме сите прашања. Мислам дека како општество треба да излеземе од тој ментален склоп на постојани предвремени избори. Не мислам дека предвремени парламентарни избори се решение за нашите проблеми. Приоритетите се ставени, истите треба да се исполнат, чекор по чекор.

Според Вас, дали треба да има реконструкција на Владата и чија фотеља е најклимава?

Не би било во ред да ви одговорам на ова политичко прашање.

Во пресрет на претседателските избори, ваш став, кој, каква личност треба да го заземе највисокото државничко место?

Личност која изградила интегритет и го покажала тоа во тешките времиња низ кои поминала државата во овој период. Личност со визија за инклузивно општество со кое би можеле да се идентификуваат повеќето граѓани на ова земја. Лице кое ќе знае да не претстави внатре и надвор од земјата и од кое нема да се срамиме дека е наш претставник. Лице кое ќе ги застапува интетресите на граѓаните а не на партијата чиј кандидат ќе биде.