Македонија 04. септември 2019. / 10:08

Интервју на „Лидер” со Александар Нацев: Ветингот мора да ги зајакне институциите, а не да биде алатка за политичка пресметка

Интервју на „Лидер” со Александар Нацев: Ветингот мора да ги зајакне институциите, а не да биде алатка за политичка пресметка

Професорот Александар Нацев, поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во интервју за „Лидер” зборува за ветингот кој се планира во институциите, пред се во Министерството за внатрешни работи.

Нацев вели дека ветингот е комплексен и сложен процес и со таа постапка не смее да се импровизира. Ветингот служи за зајакнување на кредибилитетот на институциите, а не за политичка пресметка, вели професорот.

Професоре Нацев, во јавноста многу се зборува за ветингот и се промовира како постапка која ќе помогне за подигнување на довербата на граѓаните кон институциите. Дали може да ни објасните малку повеќе за концептот за ветинг?

И покрај тоа што во јавноста се пласира тезата дека сега за првпат се прави одредена проверка на лицата кои се вработени на чувствителни позиции во државната управа, со која проверка ќе треба да се осигура нивната безбедносна и етичка подобност, сепак не треба да заборавиме дека проверки на вработени се прават во голем број институции, особено оние кои се дел од безбедносниот систем. Еве, на пример, јас таква проверка сум поминал уште пред 13 години, пред да се вработам на моето прво работно место. Освен мене, има илјадници други вработени не само во државниот, туку и во приватниот сектор, на пример вработените во аеродромското обезбедување на аеродромите или лицата кои работат за приватни безбедносни контрактори во Ирак или Авганистан, кои биле предмет на безбедносна проверка, која е прилично сеопфатна и длабинска. Да не заборавиме дека со пополнувањето на безбедносен прашалник за добивање безбедносен сертификат и со потпишувањето на изјава за согласност, вие давате податоци (и се согласувате тие податоци да бидат проверени од безбедносните органи) за вашата здравствена состојба, за вашите зависности и пороци, за вашата финансиска состојба, како и податоци за Вашите најблиски роднини. Целта на ваквата безбедносна проверка е да утврди одредени аномалии и несогласувања во она што доброволно го давате како податок и вистинската ситуација. Да заклучам по ова прашање, ветингот не е нешто ново и невидено до сега, туку можеби министерот за внатрешни работи еве одлучил дека ова е проект по кој тој ќе биде препознатлив и ќе добие политички поени како бескомпромисен борец против криминал и корупција, па затоа од сите страни слушаме како се велича овој проект за ветинг.

До каде е во овој момент постапката и што конкретно треба да се преземе во оваа почетна фаза?

Во оваа почетна фаза, многу е важно да се обезбеди консензус меѓу главните општествени субјекти, кој консензус ќе создаде позитивна клима дека процесот се спроведува заради заштита на интегритетот на вработените и интегритетот на самите институции. Но, она што го видовме уште на самот старт, односно уште при првиот чекор при спроведувањето на процесот, а тоа е формирањето на Работната група, не дава многу надеж, бидејќи веднаш видовме силни негативни реакции во јавноста, заради тоа што некои лица кои се дел од таа група имаат очигледен конфликт на интереси, бидејќи нивни блиски лица се вработени во Министерството за внатрешни работи од министерот кој навидум силно се залага за тој ветинг, и тоа на позиции преку кои се во директен контакт со него, и се негови многу блиски соработници. Ваквата постапка веднаш отвара сомнеж кај опозицијата, а и кај јавноста дека ветингот ќе биде злоупотребен за пресметка со политичките противници и со неистомислениците во институциите. Токму затоа, уште на самиот почеток е потребно прецизно да се утврдат критериумите врз основа на кои ќе се врши ветингот, кои се лицата кои треба да подлежат на ветинг, кои се лицата кои ќе ги прават проверките и како ќе се реши статусот на оние кои нема да ги поминат ветинг процедурите. Исто така, во оваа фаза на градење на концептот за ветинг, можеби не е лоша идеја да се соработува и со меѓународните партнери, како би требало да бидат една дополнителна гаранција дека целава оваа постапка на ветинг ќе биде неутрална, професионална и објективна.

Која би била крајната цел на оваа постапка и каков ефект ќе има оваа постапка?

За крај, сакам исто да напоменам дека ветингот е крајно комплексен и сериозен процес, во кој никако не смее да се импровизира, никако не смее да се искористи за средување стари сметки или пак да се направи само површно колку да се каже дека е направен. Потребен е искрен и чесен пристап, кој како крајна цел ќе има најдобрите и најчесните луѓе да се постават на вистинските позиции, и со тоа да дадат свој придонес во работата и унапредувањето на угледот на нашата татковина, Република Македонија.