Македонија 06. јуни 2018. / 12:32

„Хелас џурнал“: Заев утре треба да даде конечен одговор за договорот за името

„Хелас џурнал“: Заев утре треба да даде конечен одговор за договорот за името

Утрешниот ден е најкритичен во процесот на преговори за изнаоѓање решение за името, со оглед дека Владата и премиерот Зоран Заев се обврзале да одговорат дали се прифаќа финалниот компромис кој што се наоѓа на масата, пишува „Хелас џурнал“, повикувајќи се на извори во Њујорк. Наши извори, исто така потврдуваат дека за утре е планиран телефонскиот разговор меѓу премиерите Заев и Алексис Ципрас.

Грчкиот портал наведува дека изворот на информацијата е директно вклучен во преговорите и тврди дека Заев ветил дека ќе го даде конечниот одговор и дека „веројатно“ ќе одговори позитивно. Нашите извори дообјаснуваат дека во телефонскиот разговор Заев и Ципрас треба да ги „пополнат“ празните места во договорот, вклучувајќи ги и заградите за јазикот и националноста, односно дали ќе бидат „македонски“ со ѕвездичка дека се работи за словенски јазик.

Според истите извори, ако Македонија утре не одговори, тогаш преговарачкиот круг се затвора и има ризик да се пропушти „возот“ за НАТО и за ЕУ. Доколку, пак, одговорот е позитивен, тогаш двајцата премиери ќе се сретнат во Преспа, но договорот веројатно ќе го потпишат министрите за надворешни работи.

Во текстот на „Хелас џурнал“ пишува дека и двете страни имале забелешки на финалниот предлог, но сега се чека одговорот од Заев, кој, како што се наведува, се нашол во тешка ситуација по протестот во Скопје, но и негативниот став на претседателот Ѓорге Иванов, кој го отфрлил компромисот меѓу Скопје и Атина што му го презентирал министерот Никола Димитров.

„Договорено е финалното решение да биде Република Северна Македонија“, иако Скопје се обиде повторно да го врати во игра ‘Република Нова Македонија’, но грчката страна се спротивставила на повторно отворање на договорот, кој претходно бил затворен во Њујорк“, пишува магазинот.

Исто така, било договорено и севкупна употреба на името, односно ерга омнес, а посредникот Метју Нимиц, наводно предложил насоки и распоред за спроведување на договорот според источно-германскиот модел, бидејќи Македонија не може веднаш да смени сѐ. Притоа се споменува примерот со пасошите. Па, така кога ќе се смени името, како што се наведува, старите пасоши ќе се менуваат постепено. Наводно, биле договорени и промени на македонскиот Устав, на членовите 3 и 49.