Се одбројуваат часовите до моментот на големото „да“ или големото „не“. Денеска е последниот ден кој е клучен во преговарачкиот процес за името, а наредните часови може да донесат позитивен пресврт или ќе го закочат процесот. Ова денеска го потврди и вицепремиерот Бујар Османи и најави дека двете земји никогаш досега не биле толку блиску до решение.
Коѕијас уште пред неколку дена на грчката национална телевизија кажа дека договорот бил на 20 страници но и дека сега е дојден моментот на Скопје да направи одлучувачки чекор.
Синоќа на својот твитер профил напиша дека македонскиот јазик бил признаен уште пред 39 години и се наоѓал на листата на официјални јазици на ОН.
– Тие на конференција на ОН во 1977 година прифатија јазикот на Скопје да се вика македонски. Оттогаш е ставен на листата на официјалните јазици на ОН, каде што стои до денеска. Наместо да се самокритикуваат, тие пцујат. Не се работи за нивно слепило, туку за откровение – изјави Никос Коѕијас.
Но останува нејасно, дали со овој твит на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас со кој ја обвинува опозицијата дека претходно прифатила признавање на македонскиот јазик, а сега се противи на договор за името сака да каже дека прашањето е затворено, или се уште се преговара ? Дали ова е новиот момент кој може да и донесе на Грција дополнителни поени во преговарачкиот процес?
Вчера грчката опозициска партија Нова Демократија бараше одговор од Коѕијас за фејсбук статусите на македонскиот екс министер за надворешни работи Антонио Милошоски. Одговор од грчко МНР добија денес – лидерот на Нова Демократија Киријакос Мицотакис одговори да барал од неговите пријатели од ВМРО ДПМНЕ, затоа што грчкото МНР не било надлежно, ниту должно да информира за изјави од опозицијата во ПЈРМ.
Милошоски денеска повторно објави уште еден статус на фејсбук, во кој вели дека Грција вчера испорачала уште две барања, кои не биле дел од усогласената рамка на Договорот Коѕијас- Димитров од Брисел.
– Јазикот да не се запише Macedonian како што е сега заведен во ОН, туку латинично makedonski без никаков превод . Менувањето на Уставот на Македонија да не биде после испорачаната покана за членство во НАТО и датумот за преговори со ЕУ, во Јуни/Јули оваа година, туку Македонија прво да организира референдум со позитивен исход, истовремено да си го смени Уставот, па дури потоа да очекува да биде поканета за НАТО и ЕУ – изјави Антонио Милошоски.
Третата опција е договарањето да се одложи за неколку месеци. Ставот на Заев кон овие барања е билет кон Преспа.
До овој момент сите актери официјално се повикуваат на транспарентност , а се молчи- се чека телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас кој ќе биде пресуден дали ќе има средба меѓу премиерите можеби уште оваа сабота или недела.