Секој различно го чита договорот за името и тоа е причината за застојот на кој наидоа преговорите. Ова е толкувањето на вицепремиерот Бујар Османи, за тоа, зошто одлучувачкиот разговор меѓу двајцата премиери, најавен за крајот на минатата недела, остана само во најава. Вели дека ова се последните метри на 25 годишниот маратон, а обично тие се и најкритични и можат да го утврдат исходот.
Османи е повторно оптимист дека наредните часови и денови ќе бидат клучни за преговорите, но за разлика од него, од МНР во вчерашното соопштение нагласија дека, за вакви значајни прашања не треба да се брза. „Квалитетот на текстот на договорот и потребата од постигнување на трајно и одржливо решение, прифатливо за двете страни, се далеку поважни од потребата процесот да се финализира во каков било рок“, стои во нивното соопштение. На ова,медиумите во Грција пренесоа изјава од грчки владин функционер, кој вели дека, постои добар договор на маса кој мора да се затвори наскоро, но дека „за жал некои инсистираат на играње на игри“.
„Се согласуваат да постои македонски јазик и македонска националност, што значи, овде воопшто не ни постои сложено име. Дури и Централна Балканска Република да се викаат, од моментот кога долу пишува македонски јазик и македонски националност, за што разговараме понатаму?“, вели Костис Хаѕидакис, потпретседателот на Нова демократија.
Грчката опозиција, пак, излезе со тврдење дека нивната влада прифатила во договорот да стои македонски јазик и македонска националност, поради што за нив тој не е прифатлив.
Во меѓувреме, меѓународните претставници постојано ги охрабруваат двете страни да го решат проблемот.
Вчера поддршка стигна и од американскиот амбасадор Џес Бејли, додека од Стејт департментот, кои потврдија дека и нивни тимови работат на спорот, денеска им испратија порака на соседите дека ги охрабруваат лидерите на двете земји да постигнат заемно прифатливо решение.