Македонија 03. октомври 2020. / 19:21

Ѓошевски: Мојот татко 30 години ја брани државата, а денес невин лежи 15 години затвор

Ѓошевски: Мојот татко 30 години ја брани државата, а денес невин лежи 15 години затвор

Синот на осудениот Горан Ѓошевски вечерва на  протестот против неправдата, реваншизмот и политичкото насилство се обрати пред граѓаните и испрати порака.

 

„Токму денес, кога добив можност да ви се обратам Вам на оваа болна тема, случајно или не, е роденденот на мојот идол, на мојот татко кој веќе 2 години ја отслужува срамната пресуда за 27ми април. Срамно и жално е што не само јас и моето семејство, туку и останатите осудени и нивните семејства се жртви на овој политички прогон и монтирани судски случаи. Мене како млад човек, во 21 век, во современо општество и демократска Република Македонија, за каква што се изнаслушавме овие години, срам ми е воопшто и да ги наречам овие судски предмети. Овие таканаречени предмети немаат ништо заедничко со правда, правдина и човекови права. Нашите семејства беа и сеуште се омаловажени, стигматизирани, ставени на маргините на општеството, отпуштани од работа, па дури некои и со образложение дека не се подобни за извршување на работните задачи“, рече Ѓошевски.

Тој додаде оти од осамостојување на Република Македонија, до тој, како што вели фамозен 27 април 2017 година, малку луѓе имаа храброст, но и чест да облечат униформа, полициска или воена.

Токму неговиот татко Горан Ѓошевски, неговите колеги Митко Пешов, Оливер Радулов, и многу други, повеќе од 25 години биле секогаш на браникот на татковината и одлучно биле исправени и се носеле со секакви предизвици за да го сочуваат, мирот, територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија, честопати ставајќи го својот живот на коцка, па така и тој ден, 27ми април 2017година. Затоа, вели, како награда за нивната поданост кон државата добија казни по 15 години затвор.

 

„Слободно можам да кажам дека овие луѓе, овие храбри луѓе, овие уставобранители, се најголемите жртви на политички прогон во поновата историја на независна Република Македонија. Овие луѓе се осудени само заради тоа што професионално си ги извршувале работните задачи и затоа што си ја сакаат својата татковина, својата Македонија. Осудени како терористи на над 200 години казни затвор без ниту еден релевантен и материјален доказ, малтретирани на контроверзни, долги и исцрпувачки рочишта кои траеа и повеќе од 10 часа секој ден во неделата, по што на крајот следеше претходно најавуваната срамна политичката пресуда“, рече Ѓошевски.

Тој верува дека голем дел ја познаваат македонската историја и сличните вакви случувања во минатото.

„Очигледно историјата се повторува и ќе цитирам една изјава на Методија Андонов Ченто, „Верував во се, но не верував дека Македонците ќе ми судат за Македонија“. Исто така, морам да го напоменам следново, знам и свесен сум дека нашите блиски кои сега невини лежат робија, немаа доволно голема политичка тежина за да тргуваат и за својата слобода, и токму затоа нивната вистина не беше интересна и потребна на власта. Ама затоа тие што ја имаа таа „тежина“, клучната и добропознатата 8-ка, е токму тие во Собранието си ја купија слободата, извршија предавство на сите нас, извршија предавство на Македонија, извршија предавство на сите жртви на политички прогон. Нормално како награда на тоа тие си добија ослободителни пресуди, милионски тендери, иселенички визи, вработувања на цели фамилии, пари, функции и што ли уште не“, појасни Ѓошевски.

Тој побара од судиите, вистинска и неселективна правда и непристрасно судење според фактите и доказите.

Ѓошевски бара Апелациониот суд да се издигне над политиката и да ја исправи, како што вели, оваа
неправда која уништува човечки животи и менува човечки судбини.

„Но, доколку тоа не се случи, ние правдата за нашите блиски сигурно ќе ја бараме и ќе ја добиеме во Стразбур, а Република Македонија поради ова ќе биде држава која ќе претрпи огромен срам. Ние нема да се откажеме, нема да се предадеме, нема да потклекнеме ни пред овие тешки предизвици“, рече Ѓошевски.

Тој на крајот повтори дека неговиот татко е осуден на 15 години затвор.

„Баш поради оваа нова реалност, каде очигледно дека невиноста и вистината немаат вредност, професионални полицајци и уставобранители се прогласени за терористи, ама јас сум и секогаш ќе бидам, син на херој“, го заврши своето обраќање Ѓошевски.