Македонија 25. февруари 2019. / 10:46

Ѓорѓи Филипов за „Лидер“: На Република Северна Македонија и е потребен Претседател – обединител!

Ѓорѓи Филипов за „Лидер“: На Република Северна Македонија и е потребен Претседател – обединител!

Во неделното интервју на Економски Лидер, разговаравме со д-р Ѓорѓи Филипов, кој се кандидираше на конкурсот на СДСМ за кандидат за претседател на државата.

Господинот Филипов е долгогодишен диполат, кој својата политичка и научна кариера изминатите со години ја градеше во Европа. Пред претстојните претседателски избори, овој професор со високи научни и политички достигнувања, доби амбиција да ја води државата.

-Ми велеа да седам „раат” и да си гледам „сеир” и одвреме, навреме да критикувам и да „солам памет”, тврдејќи дека оние што сме ги избрале немаат поим како да ја водат државата. Одбрав да се пријавам, па ако ме изберат, мојот дел од работата во водење на државата да го одработам на најдобар можен интегрирачки начин.– вели господинот Филипов.

Единственот ,,видлив” кандидат за претседател од редовите на СДСМ, Амбасадорот д-р Ѓорѓи Филипов, смета дека идниот шеф на државата треба да ги обедини сите граѓани да работат за доброто на државата, без разлика на нивната етничка припадност.

На земјава и треба претседател, кој личниот пример ќе го преслика на ниво на пример-држава. Смета дека има еднакви шанси да биде одбраниот кандидат за претседател на државата на конгресот на СДСМ кој ќе се одржи на 3 март.

Своите против кандидати не милува да ги нарекува така, неговото хоби е играњето шах, а, во шахот, најголема грешка е кога некој противник ќе потцените.

Професор од ФИНКИ и долгогодишен дипломат во трка за највисоката државна функција. Зошто Ѓорѓи Филипов се одлучи да се кандидира за функцијата шеф на Република Северна Македонија и зошто кандидатурата ја поднесовте токму преку огласот на СДСМ?

Се кандидирав зашто сметам дека можам да одговорам на критериумите што ги диктира една ваква висока државничка функција. Имам доволно животно и работно искуство, имам углед во професионалната сфера со која се бавам во европски и светски рамки, но и во дипломатските и политичките кругови од кои не можете да излезете, колку и да се обидувате. Тоа истото можам да го кажам и за угледот во секојдневието во дружбата и односот со сите луѓе што се во мојот радиус на битисување.

Тоа не значи дека има луѓе и што не ме сакаат, па дури и можеби ме мразат. Но, сите тие знаат дека јас ги почитувам, пропагирам и реално се залагам за љубов, заемна почит и доверба меѓу нас, што сакам да постане основно „мото” на секој грѓанин на нашата заедничка држава. Затоа се кандидирав, зашто знам дека силниот личен пример е најдобриот насочник на каква основа треба да ги негуваат меѓусебните односи Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и останатите народи во земјава, независно дали се работи за односите внатре на секој етникум посебно или на релации меѓу луѓето од посебните етникуми.

Што се однесува до одговорот на вториот дел од прашањето, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ постојано изјавуваше дека сака Република Македонија да влезе во ЕУ и НАТО, но немаше јасна стратегија за тоа како ќе се спроведе „влегувањето”. Тактички се однесуваше прилично неколаборативно со факторите, кои ја детерминираа реалноста на политичкиот и економскиот континум во последниве 30 години во Европа. Во преговорите настапуваше со визија за победа од која ќе се излезе без ниту една гребнатинка, што не е можно, особено ако се имаат предвид и судиите во условно речено, мечот меѓу Поранешната југословенска Република Македонија и Република Грција.

Во теоријата на преговарање, а уште повеќе во праксата, се покажало дека ситуацијата „вин-вин” се постигнува тогаш кога двете страни ќе имаат чувство дека победиле, знаејќи и дека нешто изгубиле, или пак, дека изгубиле, но знаејќи дека суштината за која преговарале ја постигнале. СДСМ овој пат, презеде храбри чекори и свесна за реалноста, со сиот ризик за последиците по партијата од преземањето на таквиот чекор, одлучи да го заврши преговарањето и да склучи конечен договор (претходниот беше „привремен”) за решение на тридеценискиот спор. Ете, затоа се јавив на нивниот конкурс, нормално, после долги консултации со семејството, со пријатели од Македонија и со пријатели вон Македонија.

Се консултирав и со такви, кои советуваа да си седам „раат” и да си гледам „сеир” и одвреме, навреме да критикувам и да „солам памет”, тврдејќи дека оние што сме ги избрале немаат поим како да ја водат државата. Одбрав да се пријавам, па ако ме изберат, мојот дел од работата во водење на државата да го одработам на најдобар можен интегрирачки начин во сите пори од општеството во полза на републиката, на татковината која ни припаѓа нам, без разлика на каков етникум, религија, раса или пол припаѓаме.

Кои се вашите шанси да бидете изборот на СДСМ на конгресот на 3-март, со оглед на тоа дека Социјалдемократите и интегративците се во потрага по консензуален кандидат за претседател?

Јас немам увид во анкетите, коишто ги спроведуваат партиските органи на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ или некои партии или пак невладини организации. Факт е дека јас сум единствен видлив кандидат, а останатите, засега, се потенцијални или скриени кандидати, кои чекаат на кандидатура преку органите на структурата на СДСМ. Тој процес требаше да заврши до 21.02.2019. Од друга страна СДСМ е во потрага по заеднички (консензуален) кандидат со останатите партии од Коалицијата, но и со ДУИ, Беса, Алијансата на Албанците и останати партии на етничките заедници, коишто имаат или немаат свои претставници во Собранието. Конечно, на сите кандидати им посакувам успех, но сметам дека имам еднакви шанси јас да бидам одбраниот кандидат за претседател на државата.

Со што ги убедувате СДСМ да го дадат гласот за Вас? Зошто токму Вие треба да бидете кандидатот на СДСМ? Која е Вашата програма?

Реално кажано, немаше организирано некаков форум на којшто јас би можел токму сите членови на раководствата на ОО или на ИО на СДСМ да ги „убедувам” зошто треба да го дадат својот глас за мене. Убедувањето го спроведува мојата досегашна активност, мојата биографија, моите дела направени за добро на Македонија и мојата поддршка на пристапот што СДСМ го одбра за разрешување на конфликтните состојби со соседите Бугарија и Грција. Убедувањето го вршам и преку разговори со релевантни поединци, со граѓани, со членови и симпатизери на СДСМ, ДУИ и претседатели или останатите партии од коалицијата, на настапи на медиумите (откако се кандидирав, додуша немав многу можности, еве вам и на останатите кои пружија можност, ви благодарам на интересот) и преку пласирања на содржини од мојата програма на социјалнаите мрежи (најмногу на Фејсбук). За суштината на програмата веќе зборував во одговорот на вашето прво прашање, а структурата на програмата можете да ја најдете на страницата „Ѓорѓи Филипов за Претседател” на три јазика, македонски, англиски и албански. Програмата во целост ќе биде презентирана кога ќе бидам одбран за кандидат за претседател по предлог на СДСМ или СДСМ и коалицијата, доколку се постигне договор за заеднички кандидат.

Македонија е парламантарна демокартија и претседателот има безмалку церемонијална улога во однос на политикта. Како кочница е ветото – Правото на непотпишување на указот за прогласување на закон од страна на шефот на државата. Сметате ли дека треба да се зголемат ингеренциите на Претседателот и што би предложиле во тој дел?

Сметам дека Претседателот има доволно ингеренции со коишто може да се работи на етаблирање на својата програма, посредно, со личен пример и со духовно влијание за создавање единство во општеството по клучните прашања на неговиот опстанок и напредок. Како и секој граѓанин, така и тој, покрај овластувањата во областа на одбраната, надворешната политика и претставувањето на државата, може да предлага мерки или донесување закони кои доколку се прифатат би претставувале важен чинител за напредок на државата. Јас имам неколку предлози во таква насока, што ќе ги кажам кога ќе дојде време.

Ова се шести претседателски избори во земјава и досега на оваа функција седнувале кандидати кои се поддржани од најголемите политички партии. Според Вас, што избраа досегашните шефови на државата: политичка одговорност или партиска послушност?

Факт е дека досега имавме четири Претседатели на Република Македонија и нормално, секој од нив имаше свој стил на извршување на функцијата. Неблагодарно е да се оценува стилот на лидерство на досегашните Претседатели коишто дејствувале според нивните принципи и начини на работа, како и на околностите на времето кога делувале. Јасно е дека Претседателот треба да биде независна личност, чија највисока цел, во склоп на претседателските ингеренции, треба да биде обединување на сите граѓани во општеството, затоа што сите луѓе сакаат да живеат во мир и безбедни услови, со задоволени основни човечки потреби, во здрава животна околина достојно на човека, која му пружа можност за лична реализација.

Досега неколкумина кандидати најавија дека ќе излезат во трката за шеф на државата. Според Вас кој би Ви бил најсериозен против кандидат?

Како што веќе реков во една изјава за Канал 5 Телевизија, за мене не постојат т.н. против кандидати. Во Македонија треба да се смени начинот на којшто ги гледаме работите, треба сите да посакуваме да правиме добри нешта за својата земја. Тоа е вистински патриотизам. Секој од нас треба да се гордее со она што го направил за својата земја како би ни била подобра денешницава и иднината на сите нас. Така што, за мене, не постојат противкандидати. Но, да речеме дека постојат и други личности, коишто сакаат да направат нешто за својата држава, а притоа немат само желба за себе-профитирање. Во моментов постои само еден предложен кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, којшто освен кандидатура на Конвенција на партија, собрал и доволен број потписи од граѓани. Ако ја прочитавте мојата биографија, на местото за набројувања на хоби, ќе забележите дека едно од нив е и играњето шах. А, во шахот, најголема грешка е кога некој противник ќе потцените. Затоа, ниту еден од евентуалните противници, вклучувајќи ја и веќе одбраната, немам намера да ги потценувам. Ги сметам сите што ќе поднесат регуларна кандидатура за сериозни противкандидати.

Се поголем е трендот на намалување на излезноста на граѓаните на гласање. Дали стравувате дека нема да се достигне цензусот?

Стравот, како именка, се трудам да го избегнувам во мојот речник. Стравот е спротивставена емоција на љувовта, а кога човекот со љубов сака да направи нешто за својата земја, не може да има страв од неуспех. Напротив, кога човек е сигурен во своите капацитети да ја води неговата земја по правилниот пат кон подобра иднина, мора да биде убеден дека со својата желба за успех ќе ги “инфицира” и останатите сограѓани со вирусот за успех и посветеност, константно да се прави добро за својата земја. Доброто секогаш раѓа уште поголемо добро и со тоа јас сум убеден дека сум вистински кандидат, којшто може да му ја врати на народот вербата во подобро утре. И не само што ќе се постигне цензус, туку и реално рекордна, можна излезеност на претседателските избори.

Доколку Вие не бидете изборот на СДСМ, дали очекувате партијата да Ве ,,награди“ со дипломатска позиција?

Дипломатската позиција за мене не е награда, туку е една голема обврска, којашто во моментов не знам дали би ја прифатил. Во моето богато досегашно дипломатско искуство секогаш ја сметав функцијата како бескрајно сериозна и одговорна. Сепак, сметам дека Република Северна Македонија најдобро ќе ги искористи моите капацитети доколку ме избере за нејзин претседател.

Каков кандидат за претседател и е потребен на Република Северна Македонија?

На Република Северна Македонија и е потребен Претседател – Обединител, кој ќе игра значајна улога во нејзина консолидација, демократизација и европеизација; кој ќе ги обедини сите граѓани да работат за доброто на државата, којашто е држава на сите Македонци, на сите Албанци, на сите Турци, на сите Срби, на сите Роми, на сите Власи, на сите Бошњаци и на сите останати жители и државјани, без разлика на нивната етничка, полова и верска припадност. Претседател кој ќе создава, негува и ќе ги унапредува односите со соседите, со земјите на Европа и на сите земји во светот и ќе ја етаблира Република Северна Македонија на светската политичка сцена како точка на безбедност, сигурност и успешен мултикултурен, мултиетнички и мултирелигиски соживот од регионот на Југоисточна Европа. Ѝ треба претседател, којшто личниот пример ќе го преслика на ниво на пример-држава на којашто ќе се угледаат и останати држави од поблиското соседство и светот.