Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска застана на страната на граѓаните, против промената на Уставот, со цел промена на уставното име.
Мицкоски заедно со потпретседателот Александар Николоски и голем број на нивни сопартијци им се приклучија на протестот пред Собранието, каде граѓаните демонстрираат против Северна Македонија.
Денеска од партијата соопштија дека им се приклучуваат на протестантите се со цел да се спречи носењето на уставните измени.
– ВМРО-ДПМНЕ се приклучи на граѓанскиот протест пред Собрание против насилните уставни измени и самиот протест е реакција на насилната акција на власта за носење на уставните измени, и самиот собир ВМРО-ДПМНЕ нема да го злоупотреби во тесно партиски цели. И покрај уфрлените елементи кои сакаат да го дефокусираат самиот протест граѓаните покажаа достоинство и не подлегнаа на поединечните провокации. Тоа преставува изолиран и очаен обид на власта да го пренасочи вниманието. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес јасно го изрази својот и ставот на партијата дека ВМРО нема да поддржи уставни измени и нема да даде легитимитет на нешто што нема легитимитет од народот. Во текот на утрешниот ден Мицкоски во својство на еден од многуте граѓани ќе се обрати пред Собранието на Република Македонија – стои во соопштението.