Македонија 30. ноември 2019. / 10:14

(ФОТО) Свежо цвеќе за порака среде Софија

(ФОТО) Свежо цвеќе за порака среде Софија

Македонските историчари, членови на нашиот дел од Заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците, по завршувањето на последната сесија одржана во Софија, положија свежо цвеќе на гробовите на Крсте Петков Мисирков, Ѓорче Петров и Војдан Чернодрински.

Ваквиот чин претставува јасна порака испратена среде Софија до нашите добри соседи, вистински пријатели во Бугарија. Но, сега се поставува прашањето дали ова говори за позициите на македонската комисија?

Има многу симболика и во самиот чин и во изборот на личностите, што повеќе од сигурно, ни најмалку не е случаен.

Крсте Петков Мисирков, според сите спроведени анкети во Македонија, е меѓу најзначајните личности во историјата на македонскиот народ. Неговата „За македонцките работи„ претставува основа на современиот македонизам, што по потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка многумина во Бугарија го прогласија за мртов.

Ѓорче Петров, пак, има неколкукратна симболика. Прво, како идеолог на ТМОРО, второ како задграничен претставник на Македонската револуционерна организација заедно со Гоце Делчев, и трето, како негов директен соработник. А, токму околу името на Делчев се кршат копјата во работата на мешовитата комисија.

И Војдан Чернодрински има своја соодветна специфична тежина. Се разбира, како автор на „Македонска крвава свадба“, чија премиера во Софија на самиот почеток на 20 век ја собрала целата елита на македонската емиграција цо Софија.