Над 1000 автомобили учествуваа на денешниот натпартискиот протест за одбрана на црвените линии кои се последниот бедем на македонскиот идентитет.
Со паролите „Заевизам никогаш повеќе“, „Смрт на фашизмот, слобода на народот“, граѓаните го изразија својот револт против, како што изјавија распродажбата на националните интереси на Македонија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржува протест со автомобили, за, како што соопшти партијата, „заштита на националните црвени линии кои се последниот бедем на македонскиот идентитет“.
Протестот што партијата го најави како „сенароден и надпартиски“, се одвива под мотото „Протест сега, за да не биде предоцна“.
Колоната автомобили тргна од пред Спортскиот центар Борис Трајковски и се упати кон Владата, каде треба да заврши протестот.
Во повикот за протестот од опозициската партија апелираа граѓаните да се спротивстават на, како што велат, „пазарџиската и анацинална политика на Зоран Заев и владата кои се подготвени да ги распродат националните интереси на Македонија“.
-Целта е достоинствено и мирно да го изразиме граѓанскиот револт за намерата на владата на Заев да тргува со јазикот, народот, идентитетот и историјата на Македонија, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Побараа учесниците на протестот во колоната автомобили, да ги почитуваат максимално препораките и протоколите за заштита од КОВИД-19 вирусот, да држат дистанца и да користат заштитни маски и опрема со цел да го заштитат сопственото здравје и здравјето на своите најблиски.