Министерот за здравство, Венко Филипче, смета дека состојбата со епидемијата на корона вирусот во Македонија, се уште не дозволува да се размислува или да се планира одржување масовни настани во кок би биле вклучени голем број граѓани, како што се изборите.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Филипче соопшти дека од почетокот на епидемијата на корона вирусот во Кризниот штаб не дискутирале за одржување на изборите. Филипче истакна дека тој смета дека е премногу рано да се зборува за дополнително олабавување на мерките и за организација на настан, како што се изборите.
По вчерашните 19 нови потврдени слуачи на корона вирус и тоа осум во Куманово, три во Скопје, по два случаи во Прилеп, Струга и Велес, а по еден случај во Гостивар и Виница, вкупниот број на заразени со Ковид-19 во Македонија се искачи на 1.386 лица.
Во текот на изминатото деноноќие, за двајца се зголеми и билансот на жртви. Борбата со вирусот во ГОБ „8 Септември“ во Скопје ја загубија пациентка од Липково на 49 години, примена на трети април со потешкотии во дишење и веднаш ставена на респиратор и 73-годишен пациент од Скопје, примен на 19 април во многу тешка општа состојба.
Во извештајот за претходните 24 часа се наведува дека се направени 335 тестирања, со што досега во земјата се направени вкупно 15.120 тестирања.
Надлежните се уште немаат донесено одлука дали претстојниот викенд на кој му претходи и празникот 1 Мај ќе има тридневно ограничување на движењето на граѓаните. Одлуката ќе биде донесена врз основа на анализа на однесувањето на граѓаните, дали се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот за задолжителна заштитна опрема и одржување дистанца.