Министерот за здравство, Венко Филипче, изрази огромна разочараност поради непочитување на апелот за самоизолација по пристигнување од ризичен регион. Рече дека ќе бидат преземени мерки за сите кај кои ќе биде утврдено дека го загрозиле јавното здравје.
Тој денеска на прес-конференција информираше за четврти случај на заразен со вирусот во земјава. Позитивна на тестирањето се покажало дека е директорката на Клиниката за кожни болести. Таа пред една недела се вратила од Италија и веднаш продолжила со работа.
– Со сите препораки кои ги дадовме и мерки сме во предност пред целиот регион, а тоа се апелите за неодржување јавни собири, автоизолација по доаѓање од ризични региони, добро спроведување на веќе препорачаната мерка домашна изолација. Секаде каде што ќе видиме прекршок ќе преземеме најостри мерки за санкционирање, рече Филипче.
Во однос на конкретниот случај рече дека е максимално разочаран со оглед на тоа што сега покрај директорката која е хоспитализирана, во домашна изолација ќе бидат сите нејзини колеги, колешки, пациенти и сите вработени.