Нема нови случаи на заразени со корона вирусот, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, а по предлог на министерот, Владата го задолжи министерството за образование и наука да изготви план за дистрибуција на средствата за дезинфекција до основните и средните училишта.
Новина која денеска ја најави министерот Филипче е дека македонските здравствени власти во соработка со авиокомпанијата „Визер“ на патниците од Милано и од Венеција, коишто со авиокомпанијата ќе допатуваат во земјава, ќе пополнуваат картон во кој ќе треба да ја наведат адресата кадешто ќе престојуваат.
-Доколку после одреден број денови се јави некој патник со симптоми, многу лесно ќе биде да ги најдеме сопатниците, особено оние кои седеле неколку реда пред и зад заболениот патник, рече Филипче.
Тој потсети и на препораката за неодржување масовни јавни собири важи до 6 март.
Информираше дека во изминатото деноноќие нема нови пациенти кои се тестирани за коронавирусот, а дека вчера на Клиниката за инфективни болести се јавиле тројца пациенти, двајца патници од Италија и еден од Шпанија, кој престојувал во тамошни болнички установи заради друга здравствена причина.
-Кај сите тројца пациенти имаше индикација за тестирање согласно симптомите и тестовите беа негативни. Единствената пациентка која што е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести е добра и нејзината здравствена состојба се повеќе се подобрува, рече Филипче