До граѓанскиот суд утре ќе поднесам тужба за навреда и клевета и нарушување на мојата чест и углед против Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој денес на прес конференција изнесе низа лаги во однос на цените и набавката на вакцините, напиша попладнево министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.
Тој вели дека лажни и неточни се информациите за сумата која наводно била платена за вакцини, а документите што се пласираат по порталите, според него, се целосен фалсификат.
– Со очајни и срамни лаги ВМРО-ДПМНЕ продоложува да ме клевети, но уште пострашно намерно да го поткопува процесот за набавка на вакцини. Институциите си започнаа постапки со кои ќе се докаже дека немално ништо спорно, ниту е направена било каква финансиска штета. Но, она што ќе остане е штетата која ја напрви ВМРО-ДПМНЕ во овој процес и сите блокади и деструкции од почеток на пандемијата. Сепак, јас веќе нема да молчам. Уште еднаш сакам да порачам, престанете безочно да ги лажете граѓаните со фалсификати и измислици! Тоа не ви носи политички поени, а сериозно може да ја искомпромитира набавката на вакцините, напиша Филипче.