Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата во 14 часот информираше дека денешната бројка на заболени со корона вирус во земјата е 26 пациенти. Од нив 17 се хоспитализирани во Скопје, а деветмина се наоѓаат во болницата во Дебар.
Рече дека епидемијата е во силен ек и дека очекувано е, согласно сите податоци со кои располагаат, периодов да има зголемување на бројот на заразени, затоа, како што рече, важно е да се спречи локалното пренесување на вирусот.
Тој нагласи дека бројот на заболени би можело да достигне до 2.000 лица. Како што рече тој, пикот би можело да се очекува за околу еден месец.
– Секоја епидемија има почеток експанзија и крај, рече тој и ги повтори апелите за придржување кон препораките, Останете дома. Не се собирајте. Не се групирајте и не контактирајте со луѓето. Држете дистанца каде што има повеќе луѓе и одржувајте хигиена. Од сите нас зависи. Поединци, компании, институции да постапиме максимално, да се однесуваме одговорно, порача Филипче.
Додаде дека капацитетот на Инфективната клиника е целосно подготвен. Првиот спрат е четвртина од капацитетот исполнет, а на располагање е и втор спрат кој може да ги прими пациентите за хоспитално лечење.
– Во секоја од собите постои можност да се приклучат машини и апарати за дишење, така да целосно сме подготвени, рече Филипче.
Додаде дека до крајот на неделава ќе имаат информации за помошта која Кина и ја понуди на земјава од респиратори и заштитни одела и дека има сериозни шанси истата набрзо да пристигне.