Два американски бомбардери Б-1, придружени од 4 ловци Ф-16, денеска прелетаа над Скопје за да го честитаат македонското членство во НАТО. Бомбардерите полетале од Северна Дакота, САД, на 30-часовен непрекинат лет, а Македонија со оперативниот центар на Армијата учествувала во постојаната комуникација и координација на летот.
Авионите на американското воено воздухопловство во прелетот над Бугарија биле придружени од четири грчки ловци Ф-16, со кои влегле во македонскиот воздушен простор и од над Штип, Велес и скопскиот аеродром прелетаа над Скопје. Летот, според Армијата, бил на висина од 1.500 метри.
Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз во својата изјава рече дека денешниот прелет е израз на трајната поддршка на САД за Северна Македонија но и гест за добредојде како 30. членка на НАТО.
Иако нашата заедничка борба против коронавирусот во изминатиот период преовладува во медиумите, тоа не треба да спречи да го видиме историското достигнување на земјава – членството во НАТО и добивање на зелено светло за старт на пристапните разговори со ЕУ”, рече амбасадорката.
Полковникот Валентин Иваноски, раководител на сектор на Воен воздухопловен авторитет при Министерството за одбрана појасни дека денешниот прелет е сложена воздухопловна операција на воздухопловните сили на НАТО Алијансата со учество на два воздухоплови од САД и 4 авиони Ф16 од грчкото воено воздухопловство.
Летот е комплетно организиран од командата на силите за Европа и воден преку воздухопловните оперативни центри каде е вклучен и нашиот нов воздухопловен оперативен центар и каде што сите летови и координација се извршени преку системот за контрола на воздушниот систем. Воздухопловите полетаа од јужната кота, после долг лет влегоа на бугарската граница каде што беа пречекани од 4 воздухоплови од типот Ф-16 на грчкото воздухопловство и заедно во формација преку Штип, Велес, аеродромот Петровец прелетаа преку градот Скопје, појасни Иваноски.